Педесет и шестгодшниот И.В. од Украина и педесет и четиригодишниот И.П. од Велика Британија се двајцата параглајдеристи кои вчера ги загубија животите во несреќа што се случи во Крушево.
Според полицијата, до трагедијата дошло вчера во 12,30 часот кај Мечкин камен, за време на турнирот за параглајдери British Open Championship 2018, кога двајца параглајдеристи се судриле веднаш по полетувањето. Украинецот И.В. починал на самото место, додека Британецот со тешки телесни повреди бил пренесен во Здравствениот дом во Прилеп, каде подоцна починал при обидот за реанимација.
Од ОЈО соопштија дека во текот на вчерашниот ден, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп во соработка со екипата на крим-техника од Министерството за внатрешни работи изврши увид на местото каде двајца параглајдеристи ги загубија животите. Во насока на расветлување на настанот издадена е наредба за обезбедување на траги и докази, наредба за симнување на видео запис и наредби за исчитување на податоците од лајф-трекер системите на параглајдерите.