Алкохол ќе може да се купува и по 19 часот во зима и по 21 часот во летните месеци. Најверојатно од март кога треба да стапат на сила измените на Законот за трговија кои ги подготвува Министерството за економија, пијалок ќе може да се набавува и од киосците, но не и од бензиските пумпи. Сепак, и покрај барањето на бизнисмените, Владата нема да ги укине лиценците за трговските објекти во кои се продава алкохол.
Од Министерството за економија велат дека законските измени ќе ја либерализираат продажбата на алкохол.
– Предложените измени во Законот за трговија ќе бидат во функција на укинување на ограничувањата во Законот кои беа воведени во 2008 година, а кои се однесуваат на ограничувањето на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и можност алкохолни пијалаци да се продаваат во киосци, освен на бензинските станици – велат од Министерството за економија.
Оттаму додаваат дека нема да се укине обврската за поседување лиценца за продажба на алкохолни пијалаци.
– Надоместокот за лиценца за продажба на алкохолни пијалаци е регулиран во член 23-а на законот за трговија од 2008. Во тековните измени на законот нема да се интервенира во наведениот член. Имено, 20.000 денари е надоместок за прв пат вадење лиценца за продажен објект, која важи две години. За продолжување на лиценцата трговецот е должен да плати надоместок од 5.000 денари за секој продажен објект, ако има до три, и 15.000 денари за секој ако има над три објекти, како и 0,05 отсто од вкупниот промет во претходната година – појаснуваат од Министерството.