Конечно ќе се воведе ред на улицата кај Бит пазар. Пешаците ќе може непречено да се движат, а велосипедистите слободно ќе возат по точно определена патека.
Темелно се реконструираат пешачката и велосипедската патека на Бит пазар, од булеварот Гоце Делчев до влезот во Старата скопска чаршија, во должина од 440 метри.
-Со овој зафат ќе добиеме нова, односно средена велосипедска и пешачка патека. Планираме на овој дел да ставиме и столбчиња со кои ќе се оневозможи паркирање на возила, ќе биде обновен и дрворедот во текот на периодот кој доаѓа, ќе се посадат нови дрвја, така што сметам дека ова ќе биде едно добро освежување на овој тротоар, истакна градскиот татко Коце Трајановски.
-Овој дел кој што е влез во општина Чаир ќе добие нов лик. Исто така, со Град Скопје интензивно работиме да ставиме ред на Бит пазар, како и на Пластичарската улица. И понатаму ќе има други проекти кои ќе произлезат од добрата соработка помеѓу Градот и општината, потенцираше градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити.
Вредноста на оваа инвестиција е околу 2,4 милиони денари, а ќе биде покриена од буџетот на Град Скопје.
Фото – Скопје инфо