Поминаа седум години од трагичната и прерана смрт на нашата најголема ѕвезда.
Утре се навршуваат 7 години од смртта на нашиот Тоше Проески, кој во 2007 година го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Братучедот на Тоше и директорот на фондацијата „Тоше Проески“, Андреј Николски, изјави дека се е подготвено за утрешниот помен.
-Утре во 6:20 часот, токму во мигот кога Тоше настрада, ќе биде одржан помен на гробишта. Очекуваме доаѓање на неколку маратонци кои пред неколку дена тргнаа од Градишка за да стигнат до неговиот вечен дом. После тоа на спомен домот ќе биде одржана културно-уметничка програма. Фанови од Србија, Хрватска и Словенија утре ќе пристигнат во Македонија за да му оддадат почест, наведе Николовски.
Пред седум години, Македонија, но и Балканот загуби голем човек, со уште поголемо срце, насмевка и љубов за сите. Тагата и неверувањето и по седум години се уште се присутни и подеднакво силни како и на денот кога се дозна лошата вест за прераната смрт на најголемата музичка ѕвезда.