По неодамнешните терористички напади на Париз и стравувањата дека и Италија би можела да биде мета на терористите, италијанскиот премиер Матео Ренци во Капитолскиот музеј во Рим рекол дека милијарда евра би биле потрошени на заживување на перифериите на големите градови, каде се чести конфликтите меѓу Италијанците и мигрантите. Исто така, секој 18-годишник би добил по 500 евра за посета на театар, концерти и музеи
Италијанскиот премиер Матео Ренци претстави несекојдневно решение за безбедносните закани од кои стравува денешна Европа – борбата против тероризмот со култура.
Ренци го претстави планот според кој Италија би потрошила две милијарди евра за засилување на безбедноста во големите градови, а од тој износ, милијарда би одела на култура, пренесуваат италијанските медиуми.
По неодамнешните терористички напади на Париз и стравувањата дека и Италија би можела да биде мета на терористите, Ренци во Капитолскиот музеј во Рим рекол дека милијарда евра би биле потрошени на заживување на перифериите на големите градови, каде се чести конфликтите меѓу Италијанците и мигрантите. Исто така, секој 18-годишник би добил по 500 евра за посета на театар, концерти и музеи.
Идејата е да се засили чувството на младите дека се чувари на италијанската култура и културното наследство, рекол Ренци.
Она што се случи во Париз е сигнал за нов чекор во културната борба во која живееме… Тие го замислуваат теророт, ние одговараме со култура. Тие ги уништуваат статуите, ние ја сакаме уметноста. Тие ги уништуваат книгите, а ние сме земја на библиотеките, рекол Ренци, поранешниот градоначалник на Фиренца, лидер на италијанската Демократска партија и неформален лидер на Партијата на европски социјалисти.
Планот на Ренци, кој би морал да го одобри парламентот, најверојатно би наишол на отпор на италијанските бизнисмени, со оглед на тоа дека би подразбирал одлагање до 2017 година на планираното намалување на данокот на приход кој многумина го гледаат како клучна мерка за заживување на економијата.
Ренци рекол дека намалувањето на данокот, сепак, би можело да се случи и во 2016 година, доколку Брисел и дозволи на Италија да го зголеми својот дефицит од 2.2 на 2.4 проценти од бруто домашниот производ.
Ние силно ќе бараме од Европа да го почитува пактот на хуманоста кој е многу повреден од пактот на стабилноста, рекол Ренци, чиј план за борба против тероризмот доаѓа сред растечкиот страв меѓу Италијаните дека “Јубилејот на милоста#, кој започнува на 8 декември и се очекува дека ќе привлече милиони верници, да биде повод за напад на терористите во Рим.