Моментално во светот има 11,5 милиони етнички Срби, од кои само 6,2 милиони живеат во Србија, што значи дека секој втор Србин е надвор од границита на својата татковина, пишува белградскиот весник „Вечерне новости“.
Најмногу Срби живеат во босанската Република Српска 1,2 милиони, а во Црна Гора според пописот од 2011 година има 182.473 Срби, што претставува една третина од жителите на земјата.
Најголема српската заедница во дијаспората е во Австрија, поради што Виена е прогласена за главен центар на српската дијаспора.
Етничките Срби имаат различен статус во земјите во кои живеат. Во Романија, Унгарија, Хрватска и Словачка тие се официјално признати за национално малцинство. Моментално Србија се бори да добие статус на малцинство за Србите во Албанија, Австрија и Словенија.
Само во текот на минатата година Косово го напуштиле 2.291 лица поради брак во Швајцарија, пренесува порталот Албинфо, повикувајќи се на швајцарската федерална канцеларија за миграција.
– Во текот на минатата година во Швајцарија од Косово пристигнале 2.646 лица, од нив 1.314 мажи и 1.332 жени. Од овој број 2,291 дошле кај сопругот или сопругата, поточно мигрирале заради брак, додека само 155 дошле заради работа, изјави портпаролката на канцеларијата Габи Соуза.
Податоците потврдуваат дека бројот на косовските граѓани кои доаѓаат во Швајцарија заради „обединување на семејството“ расте. Како илустрација, во 2009 година овој број изнесуваше 1.976 лица.
Во онлајн анкетата што ја спроведува Албинфо на прашањето: дали бракот меѓу младите Албанци во Швајцарија и од Балканот е поради обезбедување виза или љубов, дури 52 отсто одговориле дека тоа е поради виза.