Зијадин Села од Алијансата за Албанците не се откажува од министерството за здравство. По средбата со премиерот Зоран Заев на која станало збор дали Алијансата аа Албанците ќе остане во Владата, Села рече дека ќе го кажат својот став по изборот на нов министер за здравство.
Владата неделава потврди дека за министер за здравство ќе го предложат Венко Филипче. На новинарско прашање што ќе преземе Алијансата за Албанците ако Владата испрати до Собранието кандидат за министер за овој ресор, Села рече дека прво ќе почекаат да биде избран заменик на Арбен Таравари, па тогаш ќе излезат со став дали ќе излезат од Владата.
По средбата со премиерот Зоран Заев, лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, изјави дека за нив е неприфатливо да се измислуваат функции преку ноќ за Алијансата да остане во Владата, бидејќи, како што рече, на таков начин се омаловажува партијата која останува посветена на реформите.
Села рече дека на средбата му порачал на Заев да „стокми“ функција, како што рече, “заменик министер за носење бурек” која ќе му ја отстапел на ДУИ, a за Алијансата за Албанците според претходно договореното е прифатлива само функцијата министер за здравство.
Се надеваме дека министер за здравство ќе биде кандидатот на Алијансата, бидејќи така премиерот ќе покаже дека е сериозен и дека не потклекнува на притисоци“, рече Села и повтори дека нивен предлог за министер е Вулнет Ферати.
– Бевме главни актери за да падне режимот, ќе бидеме фокусириани остатоците од режимот останати во Владата да сносат одговорност пред лицето на правдата. Правдата е целосна ако се однесува на сите, без разлика дали се работи за сегашни или бивши функционери, сите кои работеле противзаконски треба да одговараат – рече лидерот на Алијансата на Албанците.