Директорот на Институтот за судска медицина Алексеј Дума денес изјавил дека семејството на 23-годишната Дениса Маркоска побарало да се изврши реобдукција во Македонија.
Инаку обдукцијата и анализата на ДНК на пронајдениот труп беа напраени во Грција, а по анализите беше потврдено дека телото што беше најдено кај грчкиот остров Карпатос е на 23-годишната прилепчанка.
Таткото на Дениса, Киро Марковски, во изјава за некои медиуми потврди дека вчера добиле телеграма со резултатите од анализата направена во Грција, но не и официјален документ за смртта на нивната ќерка.
Најблиските се сомневаат во истрагата на грчките органи и најавиле дека ќе бараат нова обдукција во Македонија.
Законот дозволува близок роднина на покојниот да побара приватна обдукција, но сепак мора јавниот обвинител да даде согласност.
– Без дозвола на овластена институција не можеме да седнеме и да испитуваме тело, изјавил Дума по денешната меѓународна конференција за криминалистичко лобразование на Факултетот за безбедност во Скопје.
Тој вели дека немаат никакви податоци што се се случувало во Грција и како институција не биле инволвирани во целата постапка. Првата комуникација со некој од роднините на Дениса ја имале синоќа кога била побарана реобдукција.
– Ние сме подготвени веднаш да почнеме да ја работиме доколку сето тоа оди преку овластените институции во државата, а јас мислам дека тоа е јавниот обвинител кој треба да одлучи за натамошниот тек за продолжување во однос на дејствијата за констатирање на смртта. Тоа е пракса во светот, да се врши реобдукција, дури во документите на Интерпол за упатствата за идентификација наведуваат дека е можно земјите, каде што настанала несреќата и од каде што потекнуваат унесреќените, да се договорат за заедничко водење на предистражните или истражните дејствија. Дали тоа било тука организирано или не, навистина не знам. Ние до сношти бевме надвор од сите можни службени комуникации, објаснил Дума.
Реобдукцијата секогаш е потешка од првичната обдукција затоа што дел од органите веќе се поместени и обработувани форензички.
Дума не знае зшто обдукцијата траела толку долго и додал дека смета оти неговите грчки колеги се добри професионалци и си ја вршат работа професионално и стручно.
– Дали е проблемот во однос на организацијата или се административни пречки не можам да ви кажам затоа што немам информација. Знаеме кога ќе почне обдукцијата, кога ќе се договориме, а ќе заврши тогаш кога ќе сметаме дека можеме да извлечеме податоци. Во секој случај ќе трае во континуитет. Главно обдукцијата таре неколку часа. Тешко е да ја поврзуваме со денови. Кај нас телата не остануваат подолго од 24 часа, изјавил директорот на Институтот за судска медицина.
По добиените информации за извршените ДНК анализи, се очекува во наредните денови телото да биде транспортирано од Атина во Скопје.