Јужноафриканската манекенка Рива Стинкамп за чие убиство е обвинет славниот параолимпиец Оскар Писториус, денеска беше кремирана на гробиштата Порт Елизабет.
На погребот, како што јавија западните агенции, присуствувале само членовите на семејството и најблиските пријатели.
Една од најпознатите јужноафрикански манекенки беше убиена во куќата на Писториус со четири истрели во главата и еден во раката. Обвинителството го товари Писториус за убиство со предумисла.
Убавата Рива красеше голем број насловни страници од популарни списанија, беше заштитно лице на козметичката куќа Avon.
Студираше право, а во слободното време обожаваше да чита книги и беше голем верник.
Таа е дел и од реалното шоу Tropik Island of Treasure во кој познати и обични личности живеат на егзотичен остров. Шоуто ќе се емитува и покрај тоа што Рива почина.
Таа имала и неколку помали телевизиски улоги. Нејзиниот публицист ја опиша како ’најслатката и најдобра личност на светот’. „Беше вистински ангел. Секогаш љубезна, неверојатна“, истакна Сарит Томлисон со кого таа соработуваше со години.