Според нашето уредување, акциите на војската мора да го почитуваат Уставот. Ако пуштите Армија на улица, тоа според Уставот е прогласување на одреден тип на вонредност, но Армијата е на располагање во поглед на дел од опремата која што се користи, информираше денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска во врска со повикот на невладините организации за вклучување на војската во откривање на загадувачите на амбиенталниот воздух.
– Како влада сметавме дека во прв момент е потребно сите инспекциски служби заедно со полицијата да направат план за заедничка акција. Сметаме дека на ова прашање не можеме да пријдеме административно, туку фокусот треба да ни бидат резултати. Доколку постои можност за користење на опрема како дрон или дополнителни инструменти што може да ги искористи Армијата, да, но ако пуштите Армија на улица, тоа според Уставот е прогласување на одреден тип на вонредност што не е корисно така лесно да се применува во демократски држави, истакна Шекеринска.
Таа информираше дека Владата издвоила голема сума средства за директен напад на изворите на загадување како и за пожарите кои се случија минатиот месец, кои, според неа, не се случајни и дека сите пожари се резултат на човечка грешка или човечка одлука и дека тоа треба да се санкционира.