Шекеринска – Столтенберг: Местото на Македонија е во НАТО


Македонија покажа дека има капацитет да спроведе реформи во духот на вредностите на НАТО, да се фокусира на демократските процеси, реформите во одбраната, да ги унапреди добрососедските односи и да стане фактор на стабилност во регионот. Со доследно спроведување на реформите, местото на Македонија е во НАТО, беше истакнато на денешната средба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата министерката посочи дека во Македонија меѓу граѓаните и на политичката сцена има недвосмислен консензус дека државата треба да биде полноправен член на НАТО и Европската Унија.

ФОТО: МИА

Министерката го информирала генералниот секретар на Алијансата за зголемувањето на буџетот во одбраната, како и за одлуката за зголемување на македонскиот контингент во мисијата во Авганистан. Шекеринска се, додава, се заблагодари на позитивниот одговор од НАТО за вклучување на Македонија во Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната.

– Исполнувањето на нашата стратешка цел Македонија да стане 30. членка на НАТО е од големо значење, не само за нашата земја туку и за мир и стабилност на Балканот. Членството на Македонија во НАТО е цел која ги обединува сите граѓани и околу која постои политички консензус. Потребно ни е охрабрување и поддршка за да можеме да ја испратиме пораката дека таа цел е остварлива, рече министерката за одбрана на средбата што се одржа во Министерството за одбрана.

Шекеринска посочи дека Владата и Министерството постигнале силен пробив во реализацијата на реформите и дека во иднина ќе се продолжи со исто темпо.

– Го исполнивме нашето ветување и го зголемивме присуството во мисијата „Одлучна поддршка“ за 20 проценти. Кога ветуваме, исполнуваме, а така работиме и на одбранбените реформи, рече министерката.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, пак, се наведува, се заблагодари за долгогодишниот придонес на Армијата на Република Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан и го поздрави 20-процентното зголемување на силите на АРМ во „Одлучна поддршка“.

Изразил задоволство од посветеноста на Владата и на Министерството на реформите и развојот на добрососедските односи, и додаде дека Македонија има целосна поддршка во реализацијата на овие реформи.

Првиот човек на НАТО рекол дека ги поддржува напорите Македонија да стане членка на НАТО и дека има причини да се биде оптимист, без да се губи реалистичноста, бидејќи смета дека има уште предизвици.

– Го ценам вашиот придонес во мировните мисии. Вашето учество таму е бонус кој ви дава аргумент дека сте сериозен кандидат за членство во НАТО. И зголемувањето на буџетот во одбраната е потег кој придонесува во оценката на НАТО дека сте квалификувани да станете член на Алијансата, рече Столтенберг, се наведува во соопштението.

Столтенберг на министерката Шекеринска и честитал за личното лидерство, посветеноста и начинот на кој таа ја претставува земјата во убедувањето на сојузниците колку е важно членството на Македонија во НАТО.

Ова е прва посета на генерален секретар на НАТО на Министерството по повеќе од една декада, стои во соопштението од Министерството за одбрана.

ФОТО: МИА

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1