Лидерот на Српската радикална партија, Војислав Шешељ, препорачува Србија, Бугарија и Македонија да се ориентираат кон Русија затоа што, вели, народите од овие земји се „словенски браќа“.
Во интервју за емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов, вели дека овие земји се незадоволни од интегративните процеси во ЕУ и дека Западот е нивен непријател. По неговото враќање во Србија, вели, единствено во Хрватска се кренало паника, додека во Македонија се надева дека ќе биде добро примен.
– Македонците немаат никаква причина да се плашат од мене. Зошто да бидат вознемирени? Македонците се наши браќа. Ние сме иста крв, словенска крв и ние и Македонците и Бугарите. Мислам дека е огромно незадоволството во Бугарија денес, огромно незадоволство има во Србија, и дека и на Србите и на Бугарите им се збоктиса Европска унија. Бугарите се формално рамноправен член, но фактички не се. Во Бугарија денес се живее полошо од порано. Во Србија граѓаните ќе ја отфрлат идејата за ЕУ. Јас се надевам дека и во Македонија Македонците ќе сфатат дека Западот не им е пријател. Нашата стратегиска визија е Србија, Македонија и Бугарија да влезат во сојуз со Русија. Зошто? Бидејќи Русија е словенска и православна држава. Затоа што Русите секогаш биле наши пријатели – вели Шешељ неколку недели откако беше пуштен на слобода со одлука на Хашкиот суд каде му се суди за воени злосторства.
Инцидентите како оној на белградскиот стадион каде прелета дрон со знаме на Голема Албанија, како и случајот со посетата на албанскиот премиер, Еди Рама во Белград, Шешељ смета дека се заслуга на големите сили од Западот.
– Не се тука проблем Албанците, туку тие кои стојат позади Албанците. Тоа се Американците, Британците, Германците и Французите. Ништо немаше да направат Албанците без нивна помош и поддршка. Вие тоа го знаете најдобро. Кога ќе им биде потребен конфликт во Македонија, Американците ќе ги разбудат албанските сепаратисти – вели лидерот на СРС.
Во тек е расправата на Судскиот совет во Хашки трибунал кој треба да одлучи дали на Шешељ треба да му се ускрати правото на слобода откако Европскиот парламент донесе Резолуција со која се осудува неговиот говор. ЕП бара од Хашкиот трибунал да ја преиспита одлуката за негово ослободување затоа што ги прекршил условите со своите јавни настапи. Шешељ, пак, вели дека не може со резолуции и декларации да му се забрани политички да делува.
– Како да ми се забрани политичко делување? Со декрет на ЕУ мене да ми се укине уставното право за политичко делување. Како? И кој може мене да ме спречи политички да делувам? Можат да ме исфрлат од седиштето на партијата, можат да ме исфрлат од сите радио и телевизиски станици, од сите весници. Веќе ме оневозможија да гостувам на која било централна телевизија. Но јас ќе одам по белградските улици и ќе го подбуцнувам народот. Кој може тоа да ми го забрани – прашува Шешељ.
Ги прокоментира и реакциите во балканските земји по неговото доаѓање и вели дека го запалил бурето со барут, но дека времето на војни е одамна поминато и дека сега околностите се сменети.