Кривичниот суд денеска го прогласи за виновен и го осуди на казна затвор од шест години и шест месеци возачот кој во април минатата година ја прегази студентката Фросина Цековска на булеварот Партизански одреди во близина на Универзалната сала.

Foto – Faktor.mk
Во несреќата, од ударот, Цековска почина на самото место.
„Ценејќи ги сите материјални и вербални докази кои беа изведени во текот на постапката, вештиот наод и мислење, како и олеснителните и отежителните околности, обвинетиот Љ.В. го огласи за виновен за кривичните дека тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300, став 2, во врска со член 297, став 1 од Кривичниот законик и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301, став 1 од Кривичниот законик, и го осуди на единствена казна затвор во траење од шест години и шест месеци затвор“, стои во соопштението од судот.
Кривичниот суд, покрај затворската казна, на обвинетиот му изрекол и забрана за управување моторно возило во траење од една година по правосилноста на пресудата, без да биде сметано времето минато во издржување на затворската казна.









