Фондот за осигурување депозити ги повика поранешните штедачи во Македонска банка АД Скопје во ликвидација да ги подигнат потврдите за сопственост на депозитите во банката за да си го остварат правото на обесштетување и потоа да се обратат до Фондот .
Фондот за осигурување депозити ги повика поранешните штедачи во Македонска банка АД Скопје во ликвидација да ги подигнат потврдите за сопственост на депозитите во банката за да си го остварат правото на обесштетување и потоа да се обратат до Фондот за осигурување на депозити, за да си ги подигнат своите парични средства од пресметаното обесштетување, согласно законскиот важечки максимум на обесштетување во периодот кога е настанат ризичниот настан, односно кога врз банката е отворена ликвидационата постапка.
Подигнувањето на потврдите треба да го направат во просториите на Македонска банка АД Скопје во ликвидација на булевар „ВМРО“ 3/12-3 во Скопје. За подигнување на потврдата штедачот треба да приложи документ за идентификација, штедна книшка, трансакциска сметка, наследно решение или друг вид на документ со кој докажува дека поседува штеден влог во оваа банка. Доколку штедачот не е во можност лично да ја подигне потврдата за сопственост од Македонска банка ад Скопје во ликвидација, може да ополномошти лице со нотарски заверено овластување.
Можноста за подигнување на потврдата од Македонска банка АД во ликвидација трае се до донесување на решение за заклучување на ликвидационата постапка од страна на стечајниот судија. Фондот ги известува штедачите дека врз основа на Законот за заклучување на стечајни постапки отворени согласно со законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај (Службен весник на РМ, бр. 12 од 22.01.2014 година) сите започнати стечајни/ликвидациони постапки треба да се завршат во кратки законски рокови.
Од формирањето на Фондот за осигурување депозити во јануари 1997 година до 31.12.2014 година, се случиле вкупно 11 ризични настани. Фондот за осигурување на депозити во текот на 2014, во улога на доверител со приоритетно право на наплата, учествувал на сите седници на Одборите на доверители во две банки во стечај: Експорт – Импорт Банка а.д. Скопје во стечај и Радо банк а.д. Скопје во стечај.
Во 2014 година, со Решение на Основен Суд Скопје 2 од 19.06.2014 година е одобрен планот за конечна распределба на ликвидационата маса на МИТ штедилница ДОО од Куманово со што на доверителите, меѓу кои се вбројува и Фондот за осигурување на депозити, му е доделен недвижен имот над кој не може да се стави владение затоа што некој друг воспоставил претходно владение. „Поради фактот што досега на Фондот никогаш не му бил доделен недвижен имот во замена за наплата на утврдено побарување, во ниедна стечајна или ликвидациона постапка каде се јавува како доверител со приоритетно право на наплата, Фондот од добивање на Решението се ангажираше околу формално правно уредување на таа наплата, но без успех“, се вели во извештјот на фондот.
Оттука, истото ќе биде предмет на разрешување во текот на 2015г. Вкупната пресметана обврска за обесштетување на 121.949 штедачи од единаесетте поранешни членки на Фондот изнесува 1,5милијарди денари. Од формирање на Фондот до 31.12.2014 година се обесштетени вкупно 19.944 штедачи во вкупен износ од 1,3 милијарди денари.
„Како потенцијална обврска за обесштетување останува обврска кон 102.005 штедачи во вкупна вредност на обесштетување од 156 милиони денари. Над 50,0% од оваа бројка штедачи имаат поединечни депозити – предмет на обесштетување помеѓу 100,- денари и 1.000,- денари“, се вели во извештајот на Фондот.