Уште откако се сретнаа лидерите на политичките партии минатата недела во вилата Водно, а со ескалацијата на кризата со заболените од коронавирус, почна да се споменува воведување кризна или вонредна состојба на целата територија на Македонија.
Засега е воведена кризна состојба во окален обем, во Дебар, каде што има едно жариште на заболувањето.
Кризна состојба, освен локално, може да се воведе и на целата територија на земјата. Таа не може да трае подолго од 30 дена. Доколку состојбата поради која е воведена продолжи, владата мора да побара одобрување за нејзино продолувње од Собранието.
Како што сега стојат работите, тоа е невозможно бидејќи Собранието е распуштено поради вонредните избори што требаше да се одржат на 12 април.
Вонредната состојба, од друга страна, е покомплексна. Во случај на прогласување вонредна состојба може да се суспендираат некои од вообичаените функции на владата, може да се предупредат граѓаните да го сменат своето вообичаено однесување, или може да се овластат владини агенции да спроведат планови за подготвеност за опасност, како и – во екстремни ситуации – да се ограничат или укинат граѓанските слободи и човекови права.
Потребата да се прогласува вонредна состојба може да произлезе од различни ситуации како што е вооружена акција против државата од страна на внатрешни или надворешни елементи, природна непогода, граѓански немири… или, како што е случајот кај нас поради епидемија и поради потекцијална финансиска или економска криза која би можела да произлезе од епидемијата.
Како што соопти денес техничкиот премиер Оливер Спасовски, без разлика на воведување на вонредна состојба, животот ќе продоли да се одвива како и досега. Но, за тоа како и во кој обем ќе се применуваат погоре споменатите мерки зависи од однесувањето на граѓаните и почитувањето на мерките донесени од властите.
Затоа, сите мерки во вонредната состојба Владата на Македонија ќе ги прилагодува зависно од ситуацијата, а јавноста ќе биде навремено информирана.
Разликите помеѓу прогласување на кризна и вонредна состојба се следните:
– При прогласување на кризна состојба, Центарот за управување со кризи е надлежен орган кој треба да постапува во согласност со законот. При прогласување на вонредна состојба, Владата е надлежен орган кој треба да постапува во согласност со Уставот и закон.
– При прогласување на кризна состојба ќе биде потребно на територијата на цела држава да се основаат кризни штабови, што би значело ангажман на голем број на лица, што не е препорачливо имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата со коронавирусот. Дополнително, ваквата постапка би траела подолго време, а навременост во постапувањето со коронавирусот е од клучно значење. При прогласување на вонредна состојба Владата преку државниот апарат би можела поедноставно да ги спроведува мерките за превенција и справување со коронавирусот.
– Клучната разлика помеѓу прогласување на вонредна или кризна состојба е во ефикасноста на мерките кои може да се преземат со цел превенција и заштита, како и санација на последиците кои ќе ги предизвика коронавирусот. Прогласување на вонредна состојба дава надлежност на Владата да носи уредби со законска сила која во конкретниот случај е клучна бидејќи таквите уредби без да поминат низ законодавниот дом може да бидат директно применливи на терен. Ваквата предност во поглед на ефикасност во спроведување на мерките за превенција, заштита и санација на последиците од коронавирусот може во исто време да значи и опасност во поглед на концентрирање на целата државна моќ само во извршната власт.