Синот на пратеникот Горан Мисовски, Кристијан Мисовски, по многубројните прозивки и притисоци на јавноста, одлучи да даде отказ од работното место во Агенцијата за супервизија на осигурувањето, па по својата одлука се огласи на социјалната мрежа Фејсбук каде напиша дека дал отказ од морални причини со надеж дека сега јавноста ќе здивне.
-Драги пријатели и непријатели во изминативе неколку дена јас и мојата фамилија бевме мета на јавни прозивки упатени во врска со моето вработување во Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Со чиста совест тврдам дека сите критериуми кои беа поставени во јавниот оглас за времено вработување во АСО на 12 месеци како соработник за супервизија на осигурување ги исполнувам во потполност. Бев повикан на интервју, а бидејќи немаше други пријавнеи кандидати на јавниот оглас за вработување како единствен пријавен кандидат кој ги исполнува условите за времено вработување, бев вработен. Иако знам дека нема ништо спорно во врска со моето вработување во смисла на прекршување на било каква процедура за вработување, сепак чуствувајќи морална одговорност и под голем притисок на јавноста одлучив да поднесам отказ на работното место. Се надевам дека сега барем дел од јавноста ќе може малку да здивне и да почуствува мало задоволство бидејќи успеа преку притисок и хистерија да натера некој човек во државава да повлече потег кој е штетен за себе, покажувајќи интегритет и дигнитет, пишува Кристијан Мисовски, син на пратеникот Горан Мисовски од СДСМ.