Утре, при првиот круг од претседателските избори, гласачите првпат досега ќе бидат обележани со видливо мастило во вид на маркер на десниот палец, наместо како досега да бидат испрскани на палецот со невидлив спреј кој се забележуваше само под УВ лампа.
Отпечатокот ќе се гледа најмалку 24 часа по нанесувањето и не може да се избрише со алкохол, ацетон, хидроген или други средства за бришење.
Кога гласачот ќе дојде во избирачкото место да гласа, според инструкциите на Државната изборна комисија, членовите на избирачкиот одбор најнапред треба да проверат дали тој има белег од видливо мастило за обележување на гласачи на десниот палец.
Потоа следува проверка на документите за лична идентификација на гласачот и дали тој е запишан во единствениот Избирачки список по што му се издава гласачкото ливче и се обележува со видливото мастило на десниот палец.
Обележувањето ќе се прави во делот од средината на палецот по ивицата на подноктицата и ноктот од палецот, одлучи Државната изборна комисија.
Избирачот кој нема да дозволи да биде обележан со видливо мастило нема да може да гласа.