Специјалното јавно обвинителство отвори седум истраги за странските служби, патните трошоци, набавката на рендген-апарати, софтверот во ЕЛЕМ, за дивоградби… со кои се опфатени 17 лица.
Како што информира денеска на прес-конференција обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, првата истрага со кодно име „Странски служби“ се отвора за две лица, од кои едното се сомничи за директен извршител, а другото е нарачател.
„Во октомври 2014 година, по барање на лице од УБК, во странски центри бил побаран извештај кој ќе докаже дека во Македонија има двојни базни станици. Целта е да се докаже дека прислушувале странци. Секако, ова е направено“, вели Фатиме Фетаи. Второосомничениот е началник на оперативна техника во УБК, кој побарал да се набави опрема во согласност со Законот за јавната набавка, при што била фаворизирана странска фирма. За пет дена била средена целата работа, а поканите и понудите се рачно напишани од исто лице. Истиот ден кога била донесена одлука за најповолна понуда, таа била и прифатена. Во мај 2015 година веќе е инсталирана опремата“, образложи Фетаи.
Втората истрага „Друмарина“ се однесува на патни трошоци за пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која се сомничи оти поднесувала лажни патни налози дека патува за да присуствува во Собранието. Обвинителката Фатиме Фетаи соопшти дека осомничената од 25 јуни 2011 година до 16 декември 2015 до собраниските служби поднесувала лажни фискални сметки за патарини. Истрагата на СЈО покажала дека Бонева имала сместување во Скопје, а за тој период доставила сметки за патарини за 843 патувања со сопствено возило.
„Извршената анализа покажува дека ако патувањата би биле реално направени, осомничената би направила 235.928 км, но, според доказите, таа поминала 133.520 километри“, рече Фетаи. Според истрагата, Бонева, која е рекордер во наплатен надомест за службени патувања, на овој начин го оштетила буџетот 5.973.802 денари или 100.000 евра.
Третата истрага што ја отвори СЈО е со име „Рендген“. „При постапката за јавна набавка за рендген и други апарати постои основано сомневање дека осомничениот фаворизирал фирма, а овозможил таа фирма да добие детаљни податоци за јавната набавка. Фирмата извршила скинирање на сè што недостига во здравството, а за тоа било изготвено извештај. Потоа, тој извештај е пратен кај осомничениот. Јавната набавка е направена на фирма на мајка на позната новинарка“, велат од СЈО.
Со кодно име „Продуцент“ е отворена четвртата истрага на СЈО. „Од 2009 до 2012 министерот за земјоделство, спротивно на Законот за јавните набавки, направил злоупотреба на својата положба. Тој склучил договор со фирмата „Консталтинг смарт центар“ ДООЕЛ Скопје. Тие направиле договор за емисија што се емитувала на „Сител“, без спроведување јавна набавка. Договорот е во вредност од 50 илјади евра. Парите се исплатени на „Смарт центар“ ДООЕЛ, без да се приложи дека е реализирана емисијата.
Петтата истрага е наречена „Лидери“, а се однесува на договор меѓу двајца лидери на политички партии, кои се договарале за рушење објект. Осомничен е инвеститорот. Станува збор за објект – нелегална градба спроти американската амбасада во Скопје.
Шестта истрага е наречена „Тарифа 2“ за набавка на софтвер во ЕЛЕМ. Истрагата се отвора за лице што е веќе обвинето. Штетата е причинета по два основа – 146.000 евра поради одобрување на неоснована исплата за миграција од стариот во новиот систем, а таа миграција на податоци досега не е направена. Втората исплата е од 72.480 илјади евра, што е противзаконско. Осомничениот, кој е координатор за имплементација на ЕРБ-системот, направил штета од 218.880 евра.
Последната седма истрага што ја отвора СЈО е наречена „Транспортер 2“. Се спроверува против десет лица. Во неа се вклучени истите лица од претходниот предмет плус тројца директори на училишта. За нив постои сомнеж дека поранешниот градоначалник заедно со директорите прибавиле имотна корист за пет превозници. Тие се сомничат за злоупотреба на службената должност, а превозниците се осомничени како помагачи.