Скапите “италијански” чевли ги прават експлоатирани работници во Македонија и источна Европа


Ова шокантно истражување на “Guardian” вели дека работниците кои ги изработуваат брендовите од висока класа кои се носат во Британија, всушност работат за екстремно мали плати во крајно очајни услови…
Во статијата на Guardian е наведено дека купувачите се наведени да веруваат дека скапите чевли што ги купуваат во луксузните продавници се направени во Германија и Италија – а многу од нив всушност се направени од работници за сиромашни плати во експлоататорските претпријатија на Источна Европа.industrija-luksuzni-cevli-02

Овој скандал го открила истрагата на Европската чевларска индустрија, која наведува дека има незаконски плати и шокантни услови за работа во фабриките што прават обувки за Британскиот пазар.

Истрагата вели дека некои големи брендови користат законска дупка, печатејќи на своите производи дека се произведени Италија или во Германија“ за да укажат дека се работи за висок квалитет, а всушност нив ги прават сиромашните работници од Источна Европа. Истрагата покажала дека работниците за обувки во Албанија заработуваат и до 36 денари на час вклучувајќи прекувремена работа, што е нелегална стапка дури и во една толку сиромашна земја.

За работниците во Македонија, каде што по час се платени помалку од 46 денари, Guardian пишува дека биле носени во болница во колички откако се онесвестувале во студените фабрики каде што морале да работат со хемикалии. „Ако работодавецот треба да заврши нарачка од 9.000 пара чевли, тој ќе стави 90 пара на лентата, па дури и ако мора да умреш, мора да ги направиш“, им рекол еден работник на истражувачите што го правеле извештајот.

Тој рекол и дека една македонска фабрика, која ги произведува обувките „Geox“, плаќала незаконски ниски плати во износ од 8.000 денари месечно, заедно со прекувремената работа. Законскиот минимум е 9.000 денари без прекувремената работа.

Чевлите на “Geox” се застапени во Обединетото Кралство преку “John Lewis and House of Fraser”. Од оваа компанија не дале коментар.Fabrika-obuce-Bosit

Производителите се во можност да ги искористат предностите на една мрачна европска законска дупка позната како „шема за надворешна обработувачка трговија“ (ОПТ). Според правилата, компаниите ги сечат деловите за чевли во една земја, пред да ги извезат во економиите со ниски плати, каде што тие се составуваат и се шијат. Тие потоа повторно се увезуваат во земјата од која потекнуваат, без царина. Готовите чевли потоа може да се етикетираат како да се направени во земјата од која потекнуваат.

Истражувачите откриле дека фабриките произведуваат чевли за брендови вклучувајќи ги “Zara”, “Bata”, “Ara”, “Bata” и “Leder & Schuh AG” и подружниците на “CCC Shoes and Bags” во Полска и Рајкер и Габор во Словачка.

Од Бата не одговориле директно на тврдењата, но го поздравиле овој извештај, за кој велат дека дава интересен увид во работните услови во Европа за кои генерално малку се известува. Компанијата изјави дека очекува нејзините доставувачи да работат во согласност со локалните закони.

Извештајот го истражувал производството во седум европски земји каде примањата се мали: Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Полска, Романија и Словачка. Еден од три албански работници биле платени помалку од легалниот минимум од 121 фунта месечно. Извештајот вели дека жените минувале најлошо. Албанските работници изјавиле дека произведуваат по 60 пара чевли дневно.

Жените работнички во Романија рекле дека нивните сопрузи мора да најдат ниско платена сезонска работа на западот, за да можат да си дозволат дрва за грејната сезона. Еден маж рекол: “И јас мојата сопруга работиме во оваа фабрика. Мило ни е што можевме да најдеме работа, но не можеме да замислиме да имаме децата со вакви плати. Нашите родители не можат да не издржуваат, па зависиме од мизерната плата”.

Друга работничка, Кристина, рекла дека нејзиното семејство мора да одгледува добиток за да се прехрани. “Имаме градина и неколку животни. Доколку морам да купам месо, не би можела да си го дозволам”.

Во светот секоја година се произведуваат околу 24 милијарди пара чевли, вклучувајќи и околу 729 милиони произведени во Европа, пишува Guardian. Но, цените за европските чевли се повисоки: во просек еден италијански пар се извезува за 39 фунти, додека просечниот кинески пар чевли – за 3 фунти.

Во една македонска фабрика што ги снабдува брендовите “Geox”, “Deichmann” и “Bata”, работниците велат дека од нив се очекува да користат силни хемикалии и се жалат на ревматизам, болки во грбот, алергии и проблеми со дишењето. Тие велат дека нивната кожа e често изложена на штетни хемикалии, бидејќи носењето ракавици значи помала продуктивност, па дури и пониски надници.

Од “Deichmann” велат дека не биле свесни за тоа, но дека спроведуваат сопствена истрага и ќе ги преземат сите потребни дејства.

Според извештајот многу од работниците се жалат од високите температури и условите во лето, како и студеното време во зима. “Моите раце замрзнуваат. Се тресам цело време, а вратата е константно отворена”, вели еден работник. “Ако се разболам на работа и ако имам автомобил, некој ќе ме однесе во болница. Но, доколку немам автомобил, ќе ме однесат во количка”, рекол друг.

“Во лето, температурите се многу високи. Минатата година шест пати дојде амбулантно возило бидејќи работниците добиваа срцев удар”, рекол еден работник од Словачка.

Ана Мекмулен, од Трудот зад етикетата, британска група за правата на работниците, која е вклучена во извештајот, вели дека на потрошувачите треба да им се каже вистината од каде доаѓаат чевлите. „Лукавиот трик да се носат деловите за чевли во земјите со ниски плати во Источна Европа заради собирање и лепење, пред да се вратат чевлите за етикетирање како ‘произведени во Европа’, е прелажување на потрошувачите да мислат дека нивните производи се достоинствено направени“, вели таа.

„Всушност, ние сега знаеме дека работниците во Албанија и во Македонија добиваат плати толку ниски што не можат да ги прехранат своите семејства – толку многу што јазот помеѓу минималната и пристојната плата е поголем отколку во Кина. Овие аутсорсинг-методи што се користат од некои брендови прават огромен профит на грбот на сиромашниот работник.“

„Работниците заработуваат помалку од една четвртина од платата што им треба за да живеат достоинствено, и покрај долгите часови со кои ја исполнуваат нормата. „’Произведено во Европа’ повеќе не значи ‘достоинствено направено’“.

Групите што стојат зад извештајот сакаат производителите да бидат потранспарентни во однос на тоа каде ги прават чевлите што се продаваат во луксузните британски продавници – и во однос на платите и на условите за работа.

Мекмулен додала: „Денес ги повикуваме брендовите што ја кријат експлоатацијата зад етикети со кои ги мамат потрошувачите. Брендовите се должни да осигурат дека се почитуваат човековите права. Искрено да се каже каде се прави тоа е еден од првите чекори.“

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1