СВР Скопје-Единицата за економски и компјутерски криминал со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје го предаде А.М. (60) од Скопје, поради основи на сомнение дека во периодот 2012-2017 година во повеќе случаи го сторил кривично дело “фалсификување на исправа“, предвидено и казниво по член 378 од КЗ.
Како што се наведува во соопштението од МВР, А.М. на лица државјани на Република Македонија, на лица со живеалиште и престојувалиште во странство, како и на странски државјани им изработува: лични документи, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, свидетелства од образовни институции, сертификати, медицинска документација и други јавни исправи, заверени со лажни печат и потпис од државни и јавни институии во РМ, за надомест од 1.000 до 6.000 денари, во зависност од документот што требало да го направи.
Завчера е извршен претрес во неговиот дом каде што се пронајдени се пронајдени и одземени компјутер, преносен компјутер, пластифицирана фолија, бланко пластични картички за изработка на лични карти, возачки дозволи и слично, скенер, печатар, електронски уред за печатење и пластифицирање на лични карти и возачки дозволи, изводи наводно издадени и заверени со потпис и печат од Управата за водење на матични книги, судски решенија како и пресуди наводно издадени и заверени со потпис и печат од Основен суд Скопје 1 Скопје, потоа документи наводно издадени и заверени со потпис и печат од Министерство за внатрешни работи, нотарски печати, сертификати, уверенија за завршено образование и други јавни исправи.