Скопјанец сакал да се самозапали, но притоа предизвикал пожар во кој со повреди се здобиле и неговата жена и двете малолетни деца. Причините кои довеле до обид да си го одземе животот, според полицијата била расправија меѓу двајцата сопружници.
Како што официјално известија од МВР, вчеравечер, во 00,10 часот, во скопското село Инџиково, во семејната куќа на Т.Г. (37) по претходна расправија со неговата сопруга С.Г. (35) излегол на терасата и се полеал со запалива течност, по што се самозапалил. Дел од течноста се излеала по скалите, од што настанал пожар, во кој со изгореници по нозете се здобиле С.Г. и нејзините две малолетни деца од кои едниот има 15, а другиот син 13 години. На повредените им е укажана лекарска помош во Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски”.
Според докторката Стефковска, од Клиниката за хируршки болести, мажот бил во тешка општа здравствена состојба. “Мажот има длабоки изгореници и во моментов се лекува во интензивното одделение каде е приклучен на апарат за дишење”, вели докторката. Мајката и двете деца се во добра општа здравствена состојба и се хоспитализирани на одделот за пластична хирургија.