Скопјанец осомничен за производство и продавање дрога не дозволил полицајци да го претресат неговиот дом вчера во 6.30 часот на улицата Нов живот.
Откако им ја отворил вратата на полицајците, З.И.(41) им кажал да го почекаат да се облече, по што влегол внатре во куќата и од внатрешната страна се искачил на покривот. Почнал да вика и со погрдни зборови да ги навредува полициските службеници. Потоа почнал да вади салонитни табли од кровната конструкција и ги фрлал кон полициските службеници, ја откорнал антената од кровот и повторно со закани и пцовки ја фрлил кон полицајците.
Околу 06.50 часот по усна наредба полициските службеници се повлекле на безбедно место и побарале дополнителни екипи од ЕПОИ Алфа и од полициската станица Чаир. Откако се повлекле, на улицата излегле неколку машки лица со земјоделски алатки – вила, токмак и бекатонски цигли, со кои почнале да замавнуваат со намера да ги употребат кон полициските службеници, по што им било наредено да се повлечат назад и да ги спуштат предметите на земја. И покрај наредбата тие продолжиле со дејствијата и во еден момент М.К. замавнал со вилата, при што удрил полициски службеник од единицата Алфа во левиот рачен зглоб. Потоа со вилата замавнал кон друг полицаец, но тој употребил блок и ударот со вилата завршил во левата потколеница, по што М.К. ја фрлил вилата и избегал во непознат правец, додека С. К. го фрлил токмакот и е лишен од слобода заедно со М.С. и З. И.
Од страна на Итната помош укажана му била прва помош на еден полициски службеник и тој е пренесен во Ургентен центар, каде му е констатирана фрактура, додека другиот полициски службеник се здобил со тешка повреда.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.