„Бауер БГ“, „Гранит“, извесна „Фокерт“, „ИСА ЛТД“, а понуди доставиле и два конзорциума – „Алфа инженеринг“ од Радовиш со извесна „Минт инженеринг“ и „Конструктор Рената“ од Радовиш со заедничка понуда со фабриката „Карпош“ од Скопје се фирмите кои се заинтересирани да го градат Рајскиот парк во Ново Лисиче кој е проценето дека ќе чини околу 15 милиони евра.
Од ЕЛЕМ посочуваат дека сега следува фаза на евалуација на понудите. Доколку се констатира дека економските оператори ги исполнуваат бараните услови, по завршувањето на евалуацијата до нив ќе бидат испратени покани за учество на негативна аукција. „При конечниот избор, единствен критериум е најниската понудена цена“, објаснуваат надлежните за натамошната процедура.
Мајмуни, елени и срни, фазани, вештачко езеро со мостови, бродска куќа со ресторан, остров за изнајмување, водени павилјони, пристаниште за педалини, воденица, се само дел од содржините во т.н. рајски парк кој е предвиден да се гради на површина поголема од 10 хектари во реонот на последната постојка на „5“ и „15“ во Ново Лисиче. Паркот ќе се работи по проект на Жарко Чаушевски, најзастапениот автор во „Скопје 2014“ и планирано е да биде изграден за две години.
Изградбата на рајскиот парк беше најавена пред околу 4 години од тогашниот премиер Никола Груевски. Тој истакна дека ќе се гради парк што ќе биде меѓу петте најубави во светот. Обврската за инвестиција и’ е доверена на ЕЛЕМ. Општина Аеродром, пак, пред околу две години избра идејно решение за паркот, а минатата недела општинарите и официјално го отворија првиот дел од Рајскиот парк. Огромна зелена површина со детско игралиште, игралиште за кошарка, фудбал, трим-патеки, летниковци, зеленило.