Поради исполнетост на капацитетите клиниките во Скопје веќе не ги примаат повозрасните пациенти заболени од Ковид 19, место се чувало само за помладите заболени од корона вирус на кои им треба хоспитализација. Ова денеска го истакнаа прилепските инфектолози на состанокот на кризниот штаб во Прилеп, кој пак се одржа поради тоа што бројот на заболени лица од корона вирус во Прилеп рапидно расте.
Инфектолозите од Прилеп се пожалија и на тоа дека немаат доволно персонал, а нема ниту доволно кревети. Капацитетот на одделението бил само 30 легла од кои веќе биле исполнети 23, од кои 10 пациенти биле на кислородна поддршка. Исто така инфектолозите бараат поврзување на одделението со централниот довод на кислород, бидејќи објектот на инфективното не е во главната болничка зграда.
„Значи не ни ги примаат во Скопје ниту потешките и оние со многу коморбидитети и затоа се најдуваме во една незавидна ситуација во однос на лекувањето. Тешките пациенти треба да ги праќаме на Инфективна клиника, меѓутоа тие не ги примаат затоа што и тие се преполни. И тие имаат преполни капацитети и тешките пациенти остануваат да бидат третирани кај нас. Не ни ги примаат на некој начин за да остават место за помлад пациент. Немаме респиратор, но и на Инфективна клиника и секаде на друго место престанаа да ги ставаат на респиратор. Имаат некои други сип-ап маски, кои ние ги немаме, а тие ги имаат, така да обично ни ги примаат само помладите пациенти. Ни треба персонал кој што не можеме да го најдеме. Во оваа ситуација кога имаме зголемен број на позитивни и зголемен број на хоспитализирани, нормално дека треба повеќе персонал, кој тешко се најдува“, истакна Мирјана Крстеска, раководител на инфективно одделение Прилеп.
Не се знае ниту кога во Прилеп ќе биде изградена монтажната болница која требаше да биде изградена веднаш до инфективно одделение, а требаше да послужи доколку ситуацијата ескалира и нема повеќе слободни места во болниците.
„Ги дадовме сите потребни информации што ни беа побарани од нашиот град, во тек е постапката и информација навистина немам до каде е. Но е ветено дека Прилеп ќе биде помеѓу првите градови кои ќе добијата таква болница. Да ги почитуваме мерките и протоколите на заштита од коронавирусот. Да не дозволиме ситуацијата да ескалира. Да не се доведеме до ситуација на нови рестрикции, полициски часови и повеќедневни карантини, кои би ја закочиле економијата и би не затвориле сите дома“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Од Центарот за јавно здравје велат дека најголем причинител за зголемувањето на Ковид 19 се дружењата на луѓето.
„Епидемиолошката анкета покажува дека во работните организации сите позитивни немаат поврзаност меѓу себе, што значи дека го донесле од надвор. Голем дел од нив во анкетата кажале дека присуствувале на семејни веселби, слави, имендени, групни собирања“, рече Драгица Николоска, директор на Центар за јавно здравје Прилеп
Во Прилеп денеска има 4 новозаболени, 125 активни случаи од кои 23 се на болничко лекување, а 102 на домашно лекување.