Висината на хонорарите на авторите на скулпторите во проектот „Скопје 2014“, ја шокираа јавноста. Уметниците, пак, за Утрински весник тврдат дека најголем дел од средствата што ги добиле биле потрошени за изнајмување хала каде што ги подготвувале спомениците, како и за други материјални трошоци. Признаваат дека парите им се целосно исплатени, а плаќањето данок не било нивна обврска.
Томе Аџиевски за спомен-обележјето „Паднати херои на Македонија“ во паркот „Жена-борец“ добил хонорар од 130.000 евра. Тој објаснува дека половина од цената „отишла“ на надворешни трошоци. Дарко и Елена Дуковски се автори на лавовите на мостот „Гоце Делчев“ и на споменикот на Васил Чакаларов, за што добиле 15.000 евра, односно 20.000 евра. Велат дека една и пол година биле „заглавени“ со проектите.
За скулптурите на Валентина Стевановска во „Скопје 2014“ се потрошени 2,94 милиони евра. Нејзин потпис носат скулптурите „Воин на коњ“ и фонтана на плоштад „Македонија“, Порта „Македонија“, скулптура на мостот „Око“, Христо Татарчев, спомен-обележје на воин со фонтана на плоштадот „Карпошово востание“ и „Коњаник и фонтана“ во Гази Баба.
Миле Брцески за скулптурата на Тодор Александров зел 114.991 евра, на Грозданка Каникова и’ е исплатено 97.595 евра за скулптурите „Набљудувач“, „Девојче“ и „Риба“ и плус 11.000 евра за скулптура на мостот „Око“ и на Петре Прличко.
Зоран Костовски за „Македонија“ добил 99.458 евра, Димитар Филиповски за „Заљубени“, „Шмизла“ и „Еееј“ – 84.117 евра, а Жарко Башески за коњаниците на Даме Груев и Гоце Делчев пред Камен мост – 68.000 евра и плус 25.000 за „Св. Кирил и Методиј“ и 20.000 евра за „Кузман Јосифовски-Питу“
Изјавите на скулпторите ќе бидат објавени во утрешниот број на „Утрински весник“.