Мишел Платини, претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), денеска ќе присуствува на отворањето на новиот комплекс на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), наречен „Куќа на фудбалот“, a изграден со средства добиени од УЕФА и со помош на Владата.
Новиот фудбалски центар содржи нова зграда каде ќе биде сместена ФФМ, и четири терени кои ќе се користат за тренинзи на националните селекции. Во склоп на центарот се наоѓа и мал стадион со капацитет од околу 3.000 гледачи.
На денешното отворање (14 часот) на овој комплекс, освен Платини се очекува да присуствува и висока делегација на УЕФА.
Сите гости вечерва ќе го проследат натпреварот од квалификациите за Светското првенство меѓу Македонија и Белгија кој ќе се одигра на „Филип Втори“ со почеток од 20 часот и 45 минути.