Медиуите веднаш се најдоа во недоумица дали тие снимки треба да се објавуваат и, уште повеќе, што доколку СДСМ почне со објавувањето на „бомбата“? Дали тоа ќе го направи преку медиумите и дали тие можат и смеат да објавуваат информации од наводно „чувствителен“ карактер?
Ако се суди според досегашните изјави, станува збор за материјали со чувствителна содржина, а дел од нив можеби и со одреден степен на класификација (тајност), особено ако има вистина во тоа дека се документи во кои фигурираат имиња на носители на највисоки државни функции.
Во ниту еден закон не е предвидена каква било казна кон новинар за пренесена изјава, но дали е можно медиумите во една таква ситуација да се соочат со некакви последици или со цензура?
Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на прес-конференцијата во саботата најави дека доказите за, како што рече, криминалното владеење на Груевски, ќе бидат објавени пред јавноста. Кога и како ќе бидат обелоденети материјалите, Заев не беше експлицитен, туку вели дека тоа ќе биде „во согласност со осмислена стратегија“.
Може да има пречки за објавување ако во материјалите има работи од приватниот живот или класифицирани информации. Ако ги објави опозицијата, а новинарите ги пренесат, според практиката во нормални држави, не би требало да сносат последици .
Професорот Осман Кадриу од ФОН, вели дека постои можност во зависност од материјалите, „бомбата“ да биде цензурирана.
– Ако се работи за тајни и класифицирани информации, иако Уставот забранува, според други закони, може да се забрани објавувањето – вели Кадриу.
Македонската асоцијција на новинари (МАН) ги повика сите свои членови, како и сите медиуми, да се информираат за препораките на Европска Унија за следење и за известување за случајот „Пуч“ и да ги почитуваат препораките на Европска Унија што беа објавени вчера.
Оттаму велат дека новинарот и медиумот знаат дека самото поседување тајно снимени разговори е кривично дело, дека истите се дел од кривична постапка и секое нивно објавување е соучесништво, како и продолжување на кривичното дело од член 151, кое се однесува на незаконско прислушување и тонско снимање, како и во врска со член 152, кој се однесува на неовластено снимање.
– Бараме од медиумите да го почитуваат законот, да остават експертите и судот да утврдат дали има автeнтичност во тие снимки и одговорност за оние кои снимките незаконски ги создале, можеби, монтирале и ги дистрибуирале во јавноста – велат од МАН.
Заев на прес-конференцијата наведе дека службите под контрола на Груевски следеле илјадници граѓани.
Груевски, пак, на обраќањето до јавноста изјави:
– Заев на првата средба ми кажа дека итно бара техничка влада и дека странска разузнавачка служба го снабдила со снимени телефонски разговори со највисоки државни функционери, како што се претседателот, министри, пратеници, новинари и многу други.
МВР го товари Зоран Верушевски дека собирал „документи, фотографии и имиња на лица и други податоци кои се однесуваат на општествено-политички, економски, безбедносни состојби во Македонија, со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи“.
– Заканите нема да нè спречат да ги објавиме доказите дека Груевски и оние околу него, со нивните служби, следеле илјадници граѓани, нарушувајќи им ја приватноста. Доказите се добиени од загрижени граѓани, а не од странски служби, како што кажа Груевски. Вистина е дека доказите се од служби во Македонија под контрола на Груевски. Има чесни луѓе и патриоти кои си ја сакаат земјата – рече Заев.
Член 4 од Законот за медиуми
Забрането е со објавувањето, односно со емитувањето на програмските содржини во медиумите да се загрозува националната безбедност, да се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, да се повикува на воена агресија или на вооружен конфликт, да се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност.
Член 3 од Законот за медиуми
Слободата на медиумите може да се ограничи само во согласност со Уставот.
Член 16 од Уставот на Р.М.
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и на јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и на пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.