На повисоките места ноќеска врнеше снег. Покривката во седум часот утринава беше највисока во Ѓуриште, пет сантиметри, во Маврови Анови три, а во Пожар, два сантиметра.
Како што соопшти УХМР, интензивни беа и врнежите дожд. Во Струмица изминатите 24 часа наврна најмногу, 34 литри на метар квадратен, 28 во Виница, 21 во Дебар, 18 во Лазарополе, Демир Капија, Штип и Берово, 17 во Охрид, 15 во Прилеп и Ѓуриште, 14 во Претор и Тополчани, 13 во Крушево, 12 во Крива Паланка и Маврово, 11 во Пожар, 10 во Куманово, девет во Скопје и Битола, седум во Тетово, шест во Пожаране и три во Гевгелија.
Времето денеска ќе биде сончево и свежо со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а долж Повардарието и во источните делови засилен северозападен ветер, кој на моменти ќе достигнува брзина до 70 километри на час. Максималната температура ќе биде од 10 до 17 степени, а УВ инедксот седум.
Во Скопје температурата ќе достигне 14 степени и ќе дува ветер со јачина од 12 метри во секунда.
Во наредните два дена ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. Од петок ќе преовладува променливо и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд и појава на грмежи, освен во сабота кога ќе има преодно стабилизирање.