Тетовецот М.И. (53) лесно можел да загине од струен удар ако присебниот сосед не дошол навреме да му помогне и со пластично столче да ја отргне жицата од телото на жртвата.
Вистинска драма се случувала завчеравечер, околу 23.30 часот, во дворот на тетовецот М.И. Тој вечерта се обидел да ја отстрани металната жица во дворот, која ја користеле за сушење облека. Kога ја допрел жицата добил струен удар и изгореници на десната рака и на градите, јавува Дневник.
Од сигурна смрт го спасил неговиот присебен сосед, кој успеал со пластично столче да ја тргне жицата од телото на М.И., а потоа го пренесол во тетовската клиничка болница. Поради сериозноста на повредите М.И. бил задржан на понатамошно лекување.
Според СВР Тетово, жицата што ја допрел М.И. најверојатно претходно добила напон преку алуминиумскиот дел од олуците под покривот преку кој, пак, најверојатно протекла струја од блиската светилката од уличното осветление.