Собранието ќе гласа за Законот за ратификација на Договорот за името


Собранието на Република Македонија денеска треба повторно да гласа за Законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името. Се враќа по вторпат на гласање бидејќи Законот не беше потпишан од страна на претседателот на РМ.

Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните во трето читање е единствена точка на дневениот ред на 54. седница на Собранието.

Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и без против и воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата. Истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.

Минатата недела во Собранието на Република Македонија беше доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно мнозинство од 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1