Од 1 септември пратениците од внатрешноста на државата, кои не поседуваат стан или куќа во Скопје, ќе мора да одберат дали ќе патуваат секој ден до работа со свој автомобил, за што ќе добиваат надомест за гориво во висина од 20 отсто и за патарина, или ќе закупат стан за што Собранието ќе издвои средства најмногу до 400 евра, а трошоците за гориво и патарина ќе им бидат покриени само за викенд и за празници.
Овие одлуки, што беа усвоени вчера на собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата значат комплетно нов начин на покривање на трошоците на пратениците бидејќи претходниот ги чинеше даночните обврзници илјданици евра. Според пресметките на Собранието и тврдењата на пратениците со ова драстично ќе се намалат средствата за патни трошоци за пратениците. Собранието пристапи кон менување и намалување на начинот за надоместување патни трошоци на пратениците, по повеќе написи и реакции на социјалните мрежи и изнесени суми кои ги зеле пратеници како од претходните собраниски состав така и од актуелниот.
-Направени се сериозни консултации со секторот за финансии во Собранието, со сите пратенички групи, искористени се и компаративни искуства, изјави Илија Димовски, претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седницата.
Што е точно предвидено со двете одлуки?
Во Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина се предвидува намалување на надоместокот за гориво од 30 на 20 отсто, а освен фискална сметка како доказ тие сега треба до собраниските служби да доставуваат и печатена потврда односно белешка за корисник на платежна картичка издадена заедно со фискалната сметка за платена патарина заедно со слип потпишан од пратеникот или друг соодветен доказ за електронска наплата.
Наемнината на стан е ново право што ќе можат да го користат пратениците, предвидено со измените на законот. Надоместок за закупнина на стан се предвидува за оние пратеници чие место на живеење е надвор од територијата на Град Скопје и доколку не користат надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели или надоместок за одвоен живот со семејството.
Во одлуката се предвидува висината на надоместокот на закупнина на стан за пратениците да изнесува 400 евра месечно, во бруто износ во денарска противредност според средниот курс утврден во Народна банка на денот на поднесување на аконтативната пресметка за персонален данок во Управата за јавни приходи. Пратениците кои ќе остварат право на надоместок на стан ќе имаат право за користење на автомобил во лична сопственост во службени цели и надоместок за патарина за викенди и празници, согласно одлуката за користење автомобил.