Регионите на Солун, Лариса и Родопи во северниот дел на Грција од рано утрово се во црвената (и највисока) фаза според степенот на опасноста за ширење на коронавирусот и влегуваат во мини карантин, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе соопшти нови рестриктивни мерки за спречување на дополнително ширење на коронавирусот.
Освен полицискиот час од 00.30 до пет часот, се затвораат кафулињата, рестораните, кино салите, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите, фитнес центрите, се прекинуваат спортските тимски активности, дозволено е само индивидуално спортување, а отворени ќе бидат продавниците, фризерските салони и училиштата.
Во изминатите денови во Солун беше регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, а според заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас има 1.955 случаи и 4.399 блиски контакти кои што се во домашна изолација, а просечната возраст на случаите е 35,5 години.
Хардаљас објасни дека просечната возраст, како и проверката на контактите, покажуваат дека случаите се поврзани со забави, спортски активности и масовни собири.
Во текот на вчерашниот ден, мобилните единици на Националната организација за јавно здравје на Грција, преку брзите тестови, спроведе 3.400 тестирања во Солун.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе соопшти, нови мерки, односно како што вчера рече „нов акционен план во траење од еден месец“.
Намерата на грчката Влада е да се избегне целосен карантин, како оној во март и април, а едно од сценаријата е полицискиот час да се воведе неколку часа порано, во 21 или 22 часот наместо во 00.30 во регионите што се во портокалова и црвена фаза.