Фирмата „Авто мото здружение Гостивар“, чиј сопственик е газдата на „Дурмо турс“, минатата година имала забрана да врши технички преглед на возила. Забраната е издадена по извршен надзор од Секторот за сообраќајни работи во Бирото за јавна безбедност, надзор кој утврдил недостатоци и пропусти во работењето.
Недостатоците се однесувале на тоа што „Авто мото здружение Гостивар“ не обезбедувало видео запис од возила кои извршиле технички преглед, што е спротивно на чл.8 од Правилникот за технички преглед на возила. Освен забраната фирмата добила и задолжение неправилноста да ја отстрани во рок од 30 дена.
Овие информации ги откри Министерството за внатрешни работи, откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека по седум дена од изречената забрана, оваа гостиварска компанија продолжила да спроведува технички преглед на возилата.
„Она што е сомнително е што истата „ДУРМО ТУРС“ своите возила ги регистрирала токму во сопствениот технички преглед во Гостивар. Станицата за технички преглед „Авто мото здружение“-Гостивар, добила забрана за вршење на технички преглед од страна на Министерството за внатрешни работи, но само по неколку дена вршен е нов надзор и решението за забрана им е поништено. Зошто дозволил министерот иако по закон е изречена забрана за вршење на технички преглед во времетраење од 30 дена, да се изврши нов надзор за само 7 од 10 дена односно повторен увид и врз основа на записник и мислење од Бирото за јавна безбедност – сектор за сообраќајни работи да му издаде ново решение за работа, што е спротивно на закон за давање и одземање овластување за технички преглед“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека по закон станиците треба да го чуваат видео надзорот 12 месеци и прашуваат дали се извадени снимки од видео надзорот за да се утврди дали автобусот во кој загинаа 15 лица, бил во станицата и на кој начин е вршен технички преглед.
Од МВР појаснуваат дека по изречената забрана компанијата го отстранила недостатокот и писмено го известила МВР дека е направено тоа.
„Потоа стручни лица од МВР извршиле повторен надзор и констатирале дека недостатокот е отстранет, за што се изготвени записник и службена белешка. Откако е констатирано дека недостатокот е отстранет, на 15.8.2018 е донесено решение дека правното лице може да продолжи со работа, бидејќи ги исполнува законските услови.
Апелираме до политичките партии да не шират дезинформации и шпекулации и да не се обидуваат да ја злоупотребат оваа трагедија и да остават институциите да ги утврдат причините за овој трагичен настан“, порачаа од МВР.