Милијардерот и еден од најголемите донатори на демократите во САД Џорџ Сорос му отвори војна на новиот американски претседател Доналд Трамп прогласувајќи го за измамник и потенцијален диктатор. Во својата годишна колумна објавена na projesct-syndicate Сорос го напаѓа Трамп и речиси сите негови соработници кои треба да станат дел од кабинетот на идниот претседател.
„Демократијата е во криза. Дури и САД, водечката демократска држава во светот, избраа за претседател мајстор на измамата, кој може да стане диктатор. Иако го ублажи тонот по неговиот избор, тој не промени ништо во своето однесување, ниту своите советници. Кабинетот му е составен од некомпетентни екстремисти и пензионирани генерали“, пишува Сорос.
Смета дека демократијата во целиот свет ќе назадува благодарение на изборот на Трамп за претседател на САД.
„Во блиска иднина САД ќе се занимаваат исклучително многу со внатрешни борби и особено малцинствата ќе страдаат. САД нема да се способни да ги штитат и да ја шират демократијата во светот“
Во својот коментар, Сорос предвидува уште дека во името на успехот на сопствената администрација Трамп ќе жртвува американски принципи и ќе го омекне тонот кон диктаторите во странство.
„Ова ќе им овозможи на некои од нив да се зближат со САД и други земји и да продолжуваат со управувањето без некој да им се меша. Трамп сака да прави договори наместо да брани принципи. За жал, тоа е популарно меѓу неговите гласачи“, анализира Сорос.
Милијардерот кој важи за силен поддржувач на Хилари Клинтон отворено ги нападна и канцеларката Ангела Меркел, рускиот претседател Владимир Путин а предвиде и распад на Европската Унија.
„Особено сум загрижен за судбината на ЕУ, кој е во опасност да падне под влијание на рускиот претседател Владимир Путин со неговиот концепт за управување, кој не може да се помири со овој за отвореното општество. Путин не е пасивен победник од последните настани – тој работи напорно за тие да се случат. Тој ја познава слабоста на режимот: може да ги експлоатира природните ресурси, но не може да генерира економски раст. Се почувствува загрозен од „обоените револуции“ во Грузија, Украина и на други места и прво се обиде да ги контролира социјалните медиуми, а потоа со брилијантен потег го искористи бизнис моделот на социјалните мрежи, за да сее дезинформации и лажни вести, да ги дезориентира гласачите и да дестабилизира демократии. Еве на тој начин тој помогна за избирање на Трамп“, пишува Сорос.
Со заостанатиот економски раст и бeгалската криза, Сорос и предвидува на ЕУ судбина како на Советскиот Сојуз.
Доналд Трамп треба да ја преземе претседателската функција со инаугирацијата на 20ти јануари.