Советот на ЈО одлучи да почне постапката за разрешување на Јанева


Советот на јавни обвинители денеска едногласно одлучи дека се исполнети условите за почнување постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Канева, која е во притвор како осомнилена за случајот „Рекет“. Советот ќе изготви извештај што ќе биде доставен до Собранието, кое понатаму треба да ја продолжи постапката за разрешување на Јанева.

– Советот, откако сите членови изнесоа анализа за состојбите по списите во истражниот предмет за организиран криминал кој се однесува на постапувањето на обвинителката Јанева во предметот „Империја“ на СЈО, едногласно одлучи дека се исполнети услови за да започне постапка за разрешување на јавната обвинителка Катица Јанева. За тоа да го направиме Советот треба да изготви извештај со утврдена фактичка состојба и да го достави до Собранието, изјави по седницата претседателот на Советот на ЈО, Коле Штерјев. Додаде дека согласно своите надлежности, Собранието понатаму ќе ја продолжи постапката.

Штерјев најави дека ќе се обидат во текот на денов да го завршат извештајот и да го достават во Собранието, денеска или утре.

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе има во извештајот, Штерјев рече дека бидејќи се лимитирани да изнесуваат податоци, имиња, презимиња, тој ќе содржи резиме кое, како што рече, ќе ги преслика еден дел од исказите кои според нив се значајни за Собранието да има пред себе утврдени факти, за да може понатаму да одлучи и да предложи до Советот разрешување на Јанева.

– Значи, ќе содржи доволно, според наша оценка, податоци кои законот ги бара за да може да постапува Собранието, рече Штерјев. Додаде дека се работи за фази, Советот сега ја почнува постапката, Собранието треба да оди со предлог до Советот, каде потоа доаѓа постапката за разрешување.

Прашан што ќе се случи ако дојде до разрешување на Катица Јанева, ако се реши статусот на СЈО, дали има можност да „паднат во вода“ сите истраги, Штерјев рече дека во моментов со тоа не се оптоварува.

– Јас во моментов со тоа воопшто не се оптоварувам и денеска сум излезен да ви соопштам што прави Советот. Кои се состојбите и последиците од тоа, не е наша работа во овој момент, рече Штерјев.

Прашан доколку се донесат измени во Законот за Совет за обвинители и за можноста да се избере в.д. обвинител, рече дека слушнал за тоа, но нема доволно информации.

За изјавата на министерката за правда Рената Дескоска која во одонс на назначувањето в.д. во СЈО се повикала на Деловникот за работа на Советот за јавни обвинители, член 19, Штерјев изјави дека во законот тоа прецизно се уредува.

– Таму стои многу прецизно. Доколку на јавниот обвинител на Република Македонија функцијата му престане или биде разрешен, тогаш Советот од редот на обвинители во Јавното обвинителство определува еден обвинител кој ќе биде вршител на дејност. Овде немаме таква ситуација, не е разрешена, многу е едноставна работата, смета Штерјев.

Прашан дали ако биде разрешена Катица Јанева, по закон ќе бидат разрешени и сите нејзини полномошници, Штерјев вели дека не сака да се впушти во толкување.

– Член 9, став 3 или 4, тоа некако така стои, вие ќе си го толкувате, јас не се впуштам во толкување. Во законот се вели дека мандатите на јавните обвинители не можат да го надминат мандатот на јавната обвинителка. Што тоа значи, кога ќе имам причина да зборувам и ако некој оцени дека е релевантно моето мислење ќе го кажам, рече Штерјев.

За истекувањето на неговиот мандат, Штерјев рече дека ќе имаат нов претседател. Најави дека утре ви 10.30 часот ќе се одржи седница на Советот на ЈО за избор на негов наследник.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1