Сетот закони за реформи во безбедносно разузнавачкиот систем кои се спроведуваат согласно препораките на Прибе, со акцент на реформирање на системот за следење на комуникациите, помина денеска на собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Членовите на комисијата се согласија сетот закони да оди на натамошно читање во собраниската процедура, но на седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата.
Поминаа Предлог-законот за формирање на оперативно техничката агенција и Предлог-законот за следење на комуникациите.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасоски пред членовите на Комисијата напомена оти е потребно да се донесе нов закон за следење на комуникациите наместо да се менува сегашниот, со цел да се спроведат суштинските реформи за спречување на сите обиди за масовно прислушување, како што имаше случај во минатото и во кое беа вмешани високи структури на државната власт.
Новина во Законот за следење на комуникациите, појасни Спасовски, е зајакнување на системот за контрола на следење на комуникациите во кој освен Собранието ќе бидат вклучени и Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за класифицирање информации, Народниот правобранител и Советот на граѓани.
Министерот истакна дека Советот на граѓани кој е новина во законското решение ќе претставува будното око на граѓаните во процесите на прислушување, кои, како што појасни, се спроведуваат врз основа на два принципа, во случај на заштита на уставниот поредок и при борба против организиран криминал и корупција. Советот ќе може преку Собранието да иницира постапки за контрола секогаш кога ќе има сомнеж дека постои нелегално прислушување.