Министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција информираше дека вкупно 118 лица се хоспитализирани во различни болнички капацитети по трагедијата во Кочани. Тој нагласи дека сите пациенти добиваат неопходна медицинска грижа и дека здравствениот систем е целосно мобилизиран.
„Нема пациент кој не е згрижен, сите капацитети се ставени во функција. Ќе дадеме сè од себе за да спасиме што повеќе животи.“
Според информации на медиумите – Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје се хоспитализирани 27 лица со тешки изгореници, 24 на Клиничкиот центар, 18 во „8 Септември“, од кои двајца во критична состојба.
Голем број повредени утрово се донесени на хируршките клиники во Скопје. Поради големиот обем на работа и тешките повреди, викнати се дежурни екипи и борјот на медицински персонал е зголемен. Голем дел од персоналот сам се понудил и дошол на работа. Состојбата велат е лоша. Повредени има многу а дел од повредите се тешки.
Меѓу повредените во Градска има и малолетници.
Пред болниците во Скопје се наоѓаат роднини на повредените.
На социјалните мрежи излезе и список на лица што од Кочани се пренесени во Скопје. Двајца повредени се на Детска хирургија, двајца на Детска интензивна нега, осумнаесет лица се на лекување на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, осум се на Клиниката за анестезија КАРИЛ, 2 се на Клиниката за неврохирургија и едно лице е на Ортопедија.

Меѓу повредените на Пластика е и Владимир Блажев, попознат на јавноста како Панчо, кој е дел од групата ДНК.
Неговата сестра во изјава рече дека тој е приклучен на кислородна поддршка, има вдишано чад, а има изгореници и на раката.
Голем дел од роднините на повредените се пред клиниките каде очекуваат информации за своите најблиски.