Животот дојде за функционерите на Социјалдемократскиот сојуз, а за сите други граѓани дојде сиромаштија, рушење на стандардот, обвини денеска Никола Србов, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПНЕ.
„Генералниот секретар на владата, Драган Рашковски, се самоназначил за владин претставник на Собранието на акционери на ‘Телеком’ за хонорар 500 евра по седница.Тој е новиот владин претставник во Собранието на акционери на ‘Телеком’ и претседател на Собранието на акционери. Тој се самопредложил, а Зоран Заев и владата ја одобриле ваквата одлука“, рече Србов.
„Еве го тој документ каде што се гледа дека на 3 август Владата го овластила Драган Рашковски да присуствува и да биде владин претставник на Собранието на акционери на ‘Телеком’, а ваквиот документ си го потпишал токму самиот Рашковски. Што значи Рашковски си се предлага, Рашковски си потпишува. Рашковски сам си се назначува. Класичен конфликт на интереси. На Рашковски мала му била платата од над 1.000 евра па сега ќе зема и 500 евра од ‘Телеком’. Еве ги и привилегиите кои му следуваат на Рашковски. Хонорар од по 500 евра за секое присуство на седница на Собранието на акционери, службен телефон, компјутери, користење службено возило на негово барање“, додаде Србов.
Тој обвини дека ова не е единствениот случај на конфликт на интереси. Тој нагласи дека Елена Начевска, мајка на Вероника Начевска, сопругата на Драги Рашковски, била именувана за претседател на Комисијата за жалби.
Ова е доказ, како што рече Србов, за криминогеноста на кадрите на Социјалдемократскиот сојуз. Кога Заев вели ќе донел живот мисли на милионските суми евра кои се влеваат во нивите џебови, додека народот гладува. Затоа народот ќе ги казни на изборите на 15 октомври, рече Србов.