Средношколци од Велес, Струга, Скопје, Куманово, Кавадарци и Неготино најавија за утре протестни маршови во своите градови против задолжителното полагање на математика на матура и начинот на полагање на екстерното тестирање.
После одбиените барања од страна на Министерството за образование и наука, учениците се одлучни во тоа да се соберат во поголем број со цел да го искажат нивниот револт кон, како што велат, лошите реформи во средното образование.
„Бараме враќање на стариот концепт на матура и мирување на законот за екстерно тестирање. Време е да го отфрлиме туѓото влијание бидејќи образованието ни припаѓа нам! Да им се придружиме на другите градови и да не дозволиме да го уништат образовниот систем за нас и за идните генерации“, велат учениците.
Организаторите потенцираат дека маршовите се наднационални, надетнички, надрелигиски и непартиски. Воедно, апелираат да бидат мирни, без говор на омраза, насилство и истакнување на национални и партиски симболи.
Во Скопје, маршот на средношколците ќе започне напладне кај фонтаната во Градски парк, а ќе заврши пред МОН. Истовремено, средношколците во Велес ќе маршираат од киоск „Авона“ до плоштадот „Сармаале“.Во Струга, маршот ќе започне од Чаршискиот мост, ќе продолжи по кејот и Мостот на Поезијата, за да заврши назад во Чаршијата. Во Куманово пак, учениците организираат протест пред подрачното Министерство за образование и наука. Средношколците во Кавадарци ќе тргнат од гимназијата „Добри Даскалов“ кон општинската зграда, а според најавите во Неготино средношколците ќе маршираат тргнат од гимназијата „Св.Кирил и Методиј“ кон општината.