Денеска е 40 Севастиски маченици- Младенци. Овие 40-мина беа римски војници. За време на гонењето од страна на Ликиниј кој владееше со источниот дел од Римското царство заедно со Диоклецијан, тие беа изведени пред суд заради нивната вера, а потоа ставени во замрзнато езеро и оставени таму преку целата ноќ.
Кога следното утро војсководецот ги најде живи, ги погуби и нивните тела ги фрли во водата за да останат непогребани. Но, три дена подоцна локалниот Севастиски епископ ги извади моштите од водата и чесно ги погреба. Пострадаа околу 320-та година.
Празник на младоста и љубовта
Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера.
Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.
Житијата за Светите четириесет маченици како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.
Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40 во спомен на четириесетте маченици од Севастија. Собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали од половината на минатиот век до денес запишале повеќе вакви обичаи и верувања. Така на пр. Кузман Шапкарев сведочи дека „на 9 март (стар стил) поменот на 40-те маченици, се празнува со некои особености“. Тој сведочи дека спроти празникот собирале 40 полжави, потоа правеле 40 сарми со ориз и расол, а на ручекот пиеле по 40 чаши вино во спомен на 40-те маченици. И Ефтим Спространов запишал дека за овој празник во Охрид се правеле 40 сарми, се јаделе уште и 40 полжави, 40 ракови итн. Во Разлошко, во пиринскиот дел на Македонија, како што запишале браќата Костадин и Димитар Молерови секој требало да направи 40 метании пред Господ, од полето да донесе 40 прачки, 40 билки, и 40 ракови од реката, и тн. Миленко С. Филиповиќ запишал дека во Скопската Котлина пиеле 40 чаши ракија, а Стефан Тановиќ во богатите записи од Гевгелиско сведочи дека на овој ден береле и прачки „четрирасат биз едно-за сновајне”.
Неженети момчиња и немажени девојки носат во себе зрно грав проврено низ устата на пресечена змиска глава и веруваат дека со тоа побрзо ќе се оженат и омажат. Исто така, момче што ќе најдело змиска кошула и ќе ја ставело врз своето тело ќе се оженело со девојката што ја сакало.
Вечерта спроти празникот младите, девојките и момчињата изведувале повеќе обичаи т.н. гатање за брак, преку кои настојувале да ги дознаат своите идни брачни другари. Тоа го правеле на различни начини. Во Гевгелиско како што пишува Стефан Тановиќ вечерта спроти празникот, во мракот, девојките сечеле прачка од дудинка (црница, муренка) и ја ставале како мост преку некоја бразда или поток велејќи: „Који ми е удилен ваја вечер нека дојде на воја мост да пумине и уф нас да дојде!“ Овие зборови ги повторувала три пати и верувала дека ноќта ќе го сони момчето за кое ќе се омажи. Некои пак ова гатање го правеле на следниов начин: Вечерта спроти празникот земале три стракови коприва, секој посебно го врзувале со црвен конец и го наменувале на по едно момче. Утрото викале некоја своја другарка да одбере еден страк од копривите што ќе означува нејзиното момче, идниот брачен другар.
Слични обичаи и верувања се правеле и во Разлошко. И тамо девојките оделе надвор од селото кај некоја вода и плетеле мосчиња од врбови прачки. Притоа велеле: „Тој што ми е на касметот, да ме преведе преку мостот“. Вечерта на вечерата првиот залак скришум го вадела од устата и го ставала под перницата. Верувала дека ноќта ќе сонуваат како стои на мостот, а момчето како и вика: „Мори дај рака да те преведа, ти нема да минеш по тој мост”.
Во Штип од 40-те камчиња што од Исарот ги фрлале кон Брегалница младите неженети и немажени оставале едно за себе, го носеле дома и вечерта го ставале под перницата. Верувале дека тој што ќе го сонат таа вечер ќе биде нивниот иден брачен другар.
Имало и други начини младите да го дознаат својот иден брачен другар. На попретки земале памук, усукувале два конца, ги ставале еден до друг и заедно ги запалувале. Ако изгореле до крај значело дека сигурно ќе се земат.
Сонот таа ноќ никогаш не лаже, верувале во Гевгелиско, се вели во еден запис од Гевгелиско објавен во „Македонски преглед” од 1926 година, каде што е објавено и едно интересно кажување на баба Марија од село Милетково, која кога била девојка врзувала по две прачки со црвен конец и вечерта ги ставала над браздата како мосче, верувајќи дека ќе го сони момчето за кое ќе се омажи. „Три години по ред како мома правев мосчиња и трите години го сонував мојов дедо. И ми беше многу мака, зашто не го сакав, друг си имав на ум. Божичко колку сакав да го сонам тој што ми беше на ум, но не се случи. Мојов дедо го сонував и за него се омажив. Сонот во тој ден не е лажовен“.
Во минатото овој празник во Македонија го празнувале не само македонското христијанско население туку и муслиманското кое го именувало како „Султан Нефруз“.
Денес многу од овие обичаи се заборавени. Но сепак празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника.
(За МИА подготви д-р Марко Китевски)