На српската естрада постојано разни случаи со семејно насилство ја брануваат јавноста, последна е кога пејачот Адил Максутовиќ ја претепа својата сопруга Ана, ќерка на познатиот фолкер Џеј Рамадановски, која се породи пред два месеца што предизвика лавина негативни реакции и осуди во јавноста, пренесуваат српските медиуми.
Сепак, овој грозоморен чин на насилство не е единствен на балканската естрада. Контроверзната фолкерка Весна Вукелиќ – Венди своевремено била претепувана од своето поранешно момче, актерката Тијана Вучетиќ, која се прослави по улогата на Петројка од серијата „Село гори, баба се чешла“, признала дека сопругот „ја убивал од тепање“ додека била бремена, додека, пак, на пејачката Гоца Тржан пред неколку години ѝ пукнало ушното тапанче откако нејзиниот партнер ја удирал со тупаници.
Една од најпознатите приказни е онаа на фолкерката Маја Маријана, која била дивјачки претепана од својот невенчан сопруг Младен Шмакиќ, по што завршила во болница, а како што изјавиле нејзини пријатели, таа често преживувала вакви насилни сцени.
Во последните години од бракот на етно-пејачката Биља Крстиќ и Тихомир Арсиќ, во јавноста често кружеле приказни дека тој често пиел и дека во алкохолизирана состојба ја тепал својата сопруга. Овие гласини зачестиле откако Крстиќ во јавност се појавила со голема модринка на окото.
Пејачката Гоца Тржан неодамна проговори за семејното насилство. И таа е уште една во низата, која трпела малтретирање од емотивниот партнер со кој се забавувала пред да го запознае сега веќе поранешниот сопруг Иван Маринковиќ.
Тржан јавно апелираше до жените дека не треба да го премолчуваат насилството.
– Првпат кога го направи тоа, не го оставив, но кога се повтори насилството, тогаш морав да го оставам. Ме удри и ми го проби ушното тапанче. Не сакам да се сеќавам на тоа, но добро е да се знае дека такви работи се случуваат и не треба да се молчи за нив – изјавила Гоца.
Контроверзната Венди отворено зборува за големите љубови во нејзиниот живот кои ја злоупотребувале:
– Мислам дека на секоја девојка може да ѝ се случи да погреши и да биде со некој што ја малтретира. Тогаш имав 21 година и се забавував со момче што ме малтретираше. За среќа, не бев толку претепана за да имам модринки и скршеници. Но, не му останав должна, па и јас му возвратив во иста мера. Секојпат кога мислев дека ќе биде подобро, само се залажував. Го сакав, но морав да го напуштам – раскажала Венди.
Во својот нов документарец „Исповед“, во кој призна дека е лезбијка, српската пејачка Марија Шерифовиќ зборува за својот проблематичен татко алкохоличар, кој често ја тепал нејзината мајка Верица Шерифовиќ. Самата Верица признала дека толку била претепувана, што со модринки и хематоми истрчувала на улица и повикувала полиција.