Стапија во сила итните мерки против аерозагадувањето


Од вчера стапија во сила итните мерки против загадувањето на воздухот кои произлегуваат од одлуката на 40. седница на Владата и од уредбата за намалување на граничните вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции, донесена на 42. седница, а се разгледува и можноста за интервентна набавка на опрема за лична заштита од загадениот воздух, маски со филтри за прочистување, како и на прочистувачи на воздухот за училиштата, здравствените центри и градинките, соопшти владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Со итните мерки се препорачува да се ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лица со хронична астма, лица со прележан инфракт или мозочен удар без разлика на возраста. Да се реорганизира работното време за оние кои работат на отворено од 11 до 17 часот, забрана за одржување спортски натпревари и други манифестации на отворено и обезбедување услови за зголемена активност на брзата помош, домашната помош и патронажната служба.

Општините се задолжуваат да ја намалат цената на билетот на градскиот превоз во периодот на неповолни климатски услови што би било поттик на граѓаните за користење на јавниот превоз, да овозможат бесплатен јавен превоз, зголемена фреквенција на автобусите на ЈСП, дневно да ги чистат улиците и пешачките површини, да ги зголемат инспекциските контроли на градилиштата, на ракувачите со отпадни масла и сервисите што работат на промена на масла, автошколите да ги реализираат обуките во период од 9:30 до 14:30 и по 18 часот, како и дотур на стока во забранети зони да се врши до 7:30 часот.

На градежните компании им се наложува да користат вода за намалување на прашината, односно прскање, миење на гумите на камионите пред градилиштата, а градежните машини да ги пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.

Државниот инспекторат за животна средина да изврши ограничување на емисиите од Б-интегрираните дозволи и помалите стопански капацитети и да вршат зачестена контрола на инсталации кои поседуваат А-интегрирана дозвола.

Министерството за внатрешни работи да ја активира и да ја спроведе одлуката и контролата на веќе воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, односно да ја користат обиколницата.

Органите на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и АД во државна сопстрвеност, како и општините да ја ограничат до 50 проценти употребата на службените возила и да обезбедат ограничување на работите на објектите каде што се гради.

Мерките, согласно усвоената уредба, стапуваат во сила доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честичките се во текот на два последователни дена над 200 микрограми измерени на најмалку две мерни станици. Досега мерките се преземаа доколу се надминуваа праговите пет последователни денови.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ги повика сите граѓани кои имаат некаква идеја или предлог за решавање на проблемот со загадувањето да дојдат во понеделник, меѓу 12:30 и 14:30 часот, во просториите на градот Скопје за да ги претстават.

Шилегов најави дека Советот на Град Скопје идната недела ќе донесе одлука за поевтинување на јавниот градски превоз, зошто, смета дека тоа заедно со зголемување на цените на паркирањето би го дестимулирале користењето на автомобилите, како еден од причинителите на загадувањето во Скопје.

Од општина Центар пак најавија засилени контроли на инспекциските служби за спречување на сите можности за загадување и горење на гуми и отпад, отворен кол центар на кој граѓаните пријавуваат отворени и опасни огнови, како и поставените прочистувачи за воздух во градинките.

Центар оваа година нема да субвенционира дрва за бадникарските огнови поради загадувањето, а средствата ќе бидат пренаменети за нови зелени површини и подобрување на условите за живот на општината.

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги повика Владата и Градот Скопје итно да преземат мерки за заштита на граѓаните.

– Владата мора итно да ги заштити граѓаните и нивното здравје. Централната власт која повеќе од седум месеци ги контролира сите институции не превзема ништо во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, напротив квалитетот на воздухот опаѓа, загаденоста е енормна, а граѓаните се жртва на неодговорната политика на СДСМ, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1