Истражувачите од Универзитетот од Вашингтон го споија минатото со сегашноста во борбата против ракот. Тие синтетизираа ново соединение од стар кинески лек, кое афинитетот на канцерогените клетки кон железото го користи за да ги уништи.
Супстанцијата артемисинин се добива од пелинот, растение што се користело во Kина уште од старо време, како лек против маларија. Истражувањата на Хенри Лаи и Нарендра Синг, двајцата биоинженери на Универзитетот во Вашингтон, укажуваат дека артемисининот може селективно да ги убива канцерогените клетки додека нормалните клетки ги остава неоштетени.
Апоптоза на канцерогените клетки
Во рамките на нивното истражување било докажано дека канцерогените клетки доживуваат апоптоза или сопствено уништување, а досега овој екстракт било тешко да се набави по поповолни цени, но со зголемениот интерес за оваа билка и цената би можела да стане поприфатлива.
Според новата студија, која се појави во неодамнешното издание на магазинот Life Sciences, се смета дека појавата на новото соединение ја зголемува селективната смртност на канцерогените клетки. Во прилог на студијата од Лаи и Синг се вклучуваат и Томиказу Сасаки и Аркна Месаи, и двајцата хемичари на Универзитетот во Вашингтон.
– Сам по себе артемисининот е околу 100 пати повеќе селективен во убивањето на канцерогените клетки отколку нормалните клетки. Во оваа студија, новото артемисинин-соединение беше 34.000 пати појако во убивањето на канцерогените клетки отколку на нормалните клетки. Забележително е дека својствата на артемисининот за убивање канцерогени клетки се многукратно зголемени – вели Лаи.
Потребно е време за лекот да биде подостапен
Соединението беше лиценцирано од “Чонгинг Холи холдинг” и фармацевтскиот оддел “Холи’ во Соединетите Држави за развивање на можна употреба кај луѓето. И покрај тоа што соединението ветува добри резултати, властите велат дека потенцијалната употреба е с` уште со години далеку.
Францускиот производител на лекови “Санофи” соопшти дека очекува производство од 50 до 60 тони артемисинин секоја година, надевајќи се дека тоа ќе ја задоволи побарувачката на светскиот пазар.
Во студијата истражувачите ги изложуваат клетките од леукемија кај луѓето и клетките од белите крвни зрнца на ова соединение. Kлетките од леукемијата брзо изумираат додека клетките од белите крвни зрнца, во основа, остануваат неоштетени.
Според Лаи, трикот на ефективноста на ова соединение е во тоа како функционираат клетките на ракот. Бидејќи тие се размножуваат многу брзо, им е потребно големо количество на железо за производство на ДНK. За да го остварат тоа, канцерогените клетки имаат трансфер на својата површина во многу поголем број отколку што имаат нормалните клетки. Железото се таложи во нивните рецептори, а бидејќи канцерогените клетки ги имаат во поголема количина, според тоа, може да бидат целна комбинација на железото и на артемисининот. Овие рецептори овозможуваат брз транспорт на трансферин во внатрешноста на клетките. Трансферинот е протеин што се наоѓа во крвта, а содржи железо.
На некој начин тоа дејствува како маскирана “бомба”, која брзо може да го избрише ракот.
Ги мами канцерогените клетки
Во креирањето на соединението истражувачите го поврзале артемисининот со трансферинот на молекуларно ниво. Kомбинацијата на двете состојки треба да ги измами канцерогените клетки.
– Ова го викаме Тројански коњ, бидејќи канцерогените клетки го препознаваат трансферинот и тој за нив е природен и безопасен протеин. Така клетките го впиваат соединението без да знаат дека всушност ја содржи бомбата – артемисинин – скриена внатре – вели Лаи.
Kога ќе стигне во клетките, тој реагира со железото, стартувајќи високореактивни хемикалии наречени “слободни радикали”. Слободните радикали ги напаѓаат другите молекули и клеточната мембрана, раскинувајќи ја и убивајќи ја клетката.
Според Лаи, тој процес на артемисининот го заинтересирал уште пред десет години. Екстрактот од пелин бил користен во Kина уште пред многу векови, но во текот на годините третманот се подзаборавил. Бил обновен во 70-тите години, кога го пронашле во некој стар прирачник, кој содржел рецепти за разни болести, па меѓу нив бил и рецептот со екстракт од пелин.
Првично лекувал маларија
Набргу медицинската заедница открила дека екстрактот артемисинин е многу ефикасен против маларија. За таа цел тој се користи во Азија и во Африка.
Артемисининот ја лекува маларијата бидејќи паразитите што ја предизвикуваат користат големо количество железо потребно за метаболизирање на хемоглобинот во крвта. Kога науката почна да го разбира функционирањето на артимисининот, почнав да се прашувам дали истиот процес ќе има ефекти во третманот против ракот, вели Лаи.
– Почнав да размислувам дека можеби ќе можеме да го искористиме ова знаење за селективно да ги напаѓаме канцерогените клетки. Досега, резултатите се добри – истакнува тој.
Следниот чекор во развитокот под лиценцата на Холи, најверојатно ќе биде тестирањето на животни и ако тоа се покаже добро, ќе се оди на испитувања на луѓе, за да се измери ефективноста на соединението. Тековната студија беше спроведена од Артемисинин истражувачка фондација и “Чонгинг Холи холдинг”.
Dnevnik