Патронажни служби на Министерството за здравство од утре ќе посетуваат дома пациенти постари од 60 години кои имаат проблеми со здравјето и во домашни услови ќе вршат превентини здравствени прегледи.
Од утре ќе стартува новиот проект на Министерството, „Домашна визита“ за чија цел ќе бидат ангажирани 340 патронажни сестри кои работат во здравствените домови. Се очекува со посетите да бидат опфатени девет илјади пациенти.
– Сестрите секојдневно, во точно утврден термин ќе имаат обврска за посета на стари, изнемоштени лица, лица со хронични болести, кои се избрани според дијагнозите евидентирани во националниот електронски систем „Мој термин“. Акцент ќе биде ставен на лица со кардиоваскуларни заболувања, хронични респираторни заболувања, дијабетес и други хронични заболувања – изјави министерот Тодоров
Патронажните сестри во домовите, ќе вршат определени прегледи, мерење крвен притисок, шеќер во крвта, хемоглобин, холестерол, а во определени случаи и ЕКГ прегледи.