Сега не е време за насилство, ова е време за дијалог, порача амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стефансон, осудувајќи ги насилството и инцидентите во Собранието на Република Македонија, по изборот на Талат Џафери за нов спикер на законодавниот дом.
– Слушнавме вознемирувачки вести за настаните во Собранието, кои резултираа со насилство и со инциденти. Маскирани напаѓачи извршија напади врз избрани претставници во Собранието. Сега не е време за насилство, ова е време за дијалог. Апелириме сите страни да се воздржат од потпалувачка реторика. Полицијата е одговорна за воведување на редот – рече Стефансон, зборувајќи во името на Европската Унија и на САД.
Тој изјавата ја даде пред хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје, во присуство на амбасадорите на Холандија и на Велика Британија во земјава, Ваутер Пломп и Чарлс Гарет.
Ситуацијата во Собранието и понатаму е тензична.