Актуелниот претседател на ГРОМ Стевчо Јакимовски за Нова Македонија открива дека на денот кога се загина претседателот Борис Трајковски два пати избегнал да патува со „кингерот“.
Според Јакимовски, додека бил министер за економија, со него исконтактирал сега покојниот претседател Борис Трајковски кој го замолил да отпатува со него на меѓународна конференција за инвестирање во Мостар, Босна и Херцеговина.
– Тогаш јас на претседателот Трајковски му одговорив дека не ја гледам бизнис-логиката на второто патување и на македонското учество во Мостар. Искрено не можев да го разберам мотивот што би можеле ние таму да добиеме и зошто да присуствуваме на самиот настан, бидејќи тој и онака не беше поврзан со Македонија – објаснува Јакимовски.
Сепак, поранешниот висок функционер во Владата се согласил на барањето на Трајковски, додавајќи дека доколку тој инсистира, ќе го придружувал во Мостар.
– Во меѓувреме, знаејќи ги политичките корелации во тоа време помеѓу Борис Трајковски, владата на СДСМ со премиерот Бранко Црвенковски и неговата матична партија, на чие чело стоеше Љубчо Георгиевски, го замолив да внимаваме и да избегне каква било политичка провокација на сите адреси. Па токму затоа го замолив од неговиот кабинет да достават официјално барање и допис до Владата и доколку добијам дозвола од премиерот, ќе одам со него – објаснува Јакимовски.
Кога точката дошла на дневен ред, Црвенковски го прашал дали ќе замине или не и да одговори кратко.
– Црвенковски ме праша: Јакимовски, се одлучи да одиш или не? Јас му одговорив: Нема да одам, но ќе испратам некого од мојот кабинет, бидејќи не сум доволно убеден дека посетата ни е неопходна – објаснува Јакимовски.
Според Јакимовски, извесно време подоцна на истата седница, но на друга тема, Црвенковски остро реагирал за клириншкиот долг на Русија.
Откога Јакимовски ја добил наредбата од тогашниот премиер да отпатува во Русија, веднаш по седницата се обидел да го резервира „кингерот’, но од надлежните служби му рекле дека тоа не е можно и дека треба да почека, бидејќи истиот воздухоплов сега не бил слободен, оти бил резервиран и влезен во агендата на претседателот Трајковски за пат кон Босна.
– Од денешна гледна точка среќен сум оти тој ден двапати се спасив од авионот и ја избегнав несреќата. Никогаш не сум го сакал леталото, бидејќи кога и да влезев во него се чувствував дека влегувам во својот ковчег – растревожено говори Јакимовски.