Стоилковски: Издавањето највисок степен „Државна тајна“ на Командант Хоџа е кривично дело


Секој ден изминат со криминалниот картел во владата е нова трагедија за Македонија. Зоран Заев ја посрамоти државата и македонскиот народ. По два дена криење, Зоран Заев призна дека како надворешен соработник за безбедност и борбата против радикализмот си ангажирал човек од црната листа на САД оставен таму токму заради неговото терористичко делување и ризикот кој што тој го претставува по безбедноста. Зоран Заев му дава висока функција во Владата и месечно ќе му плаќа 36.000 денари на Џезаир Шакири, познат како Командант Хоџа, лице барано од странски држави со меѓународни потерници.

Ова денеска го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, додавајќи дека ова е големо понижување и за граѓаните и за државата, но и за полициските службеници кои ги имаат загубено животите во борбата против ваквите екстремисти.

Вели дека единствена референца на Командант Хоџа е тоа што склучил политички договор со Зоран Заев за да му го ослободи Танушевци, а за возврат на тоа да добие висока политичка функција во владата.

-Но кој го држел Танушевци заробено и каде се оружјето и лицата кои биле подготвени да се спротивстават на македонската полиција? Каква порака испраќа Заев до сите идни криминалци и насилници кои планираат да се закануваат и уценуваат?, прашува Стоилковски, додавајќи дека Владата не е приватна сопственост на Заев и, како што рече, криминалниот картел околу него.

Потенцира дека договорот на Командант Хоџа мора да биде раскинет, а институциите мора да покажат храброст и волја да ги бранат интересите на државата.

-По признанието на Шаќири, мора да следи сериозна истрага и да се утврди кој се’ му помагал во заканите и со какво оружје се заканувал? Луѓето кои се закана по територијалниот интегритет и суверенитет на државата мора да се најдат зад решетки. Лицата кои се закана по безбедноста на граѓаните не смее да бидат дел од владата. Дали е Заев сериозен во намерите да му се издаде безбедносен сертификат од највисок степен „Државна тајна“ на лице за кое кружеа информации дека било вмешано во убиство на полициски службеник? Дали е Заев сериозен во намерите со својот советник за безбедност да ги споделува највисоките безбедносни тајни на државата?, прашува Стоилковски.

Вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува надлежните служби дека издавањето на безбедносен сертификат на Командант Хоџа, надвор од процедурите е кривично дело, додавајќи дека евентуалната таква постапка може да има сериозни последици.

-Вакво понижување на државата и безбедносните служби досега немало. Што порано си замине криминалниот картел на чело со Зоран Заев, тоа подобро и за државата и за граѓаните, рече Стоилковски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1