Додека бугарскиот министер за одбрана Каракачанов се обидува преку шеги да ја релативизира својата изјава за испраќање војска во Македонија, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ втор ден по ред бараат премиерот Заев јасно да го кажал својот став за македонскиот јазик и ликот и делото на Гоце Делчев. Од партијата се убедени дека Заев нешто им ветил на властите во Софија, па сега било време да објави што им ветил.
А, токму Заев во воведното обраќање на 25 Конгрес на СДСМ кој се одржува дигитално, ја повика опозицијата конечно да се реформира и да помогне во развојот на земјата.
И покрај најавите за можна блокада од Бугарија, Заев е оптимист дека тоа нема да се случи. Тој на конгресот објави дека Партијата на европските социјалисти до Советот на ЕУ поднела барање да биде усвоена преговарачката рамка со Македонија до 10 ноември, а првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на годината, под германско претседателство.