Решете го спорот за името па ќе влезете во НАТО. Ова е пораката што првиот човек на НАТО Алијансата ја упати во своето обраќање пред пратениците. Јенс Столтенберг му порача на државниот врв дека не се во Собранието за да носат закони, туку демократски и транспарентно да ги спроведуваат реформите. Го поздрави чекорот за решавање на спорот со името, како услов за влез во Нато Алијансата и ниту еднаш во својот говор не го спомна името Македонија.
Јенс Столтенберг – Има уште работа што треба да се сработи. Ова секјако значи решавање на прашањето со името на Вашата земја. Ова прашање е прашање кое му тежи на овој регион и оваа земја веќе предолго време. Ја поздравувам волјата на вашата Влада за да се разреши ова прашање. Во текот на вчерашната средба во рамките на ОН во Њујорк беше уште еден важен чекор.
По средбата на Столтенберг со Христијан Мицкоски од ВМРО ДПМНЕ изјавија дека партијата останува посветена на стратешката определба на Македонија за членство во НАТО, но и дека го информирале Генералниот Секретар на НATO, Алијансата дека во Македонија се врши политички прогон на опозицијата.
Влатко Ѓорчев ВМРО ДПМНЕ – Го информиравме Генералниот секретар Столтенберг и неговите придружници и асистенти, за актуелниот политички прогон во Р.М. каде што Македонија е единствената земја во Европа во којашто имаме затворени уметници, пратеници, затворени полициски службеници, собраниски службеници.
Од СДСМ пак задоволни. Столтенберг дал јасен сигнал дека земјата е на вистинскиот пат кон НATO Алијансата и дека треба да се продолжи со реформскиот процес и градењето добрососедски односи.
Томислав Тунтев СДСМ – Ги препозна и потврди реформските процеси што ги реализираат парламентарното мнозинство и Владата, а којшто се основа за нашиот реформски и евроатлантски процес.
И Али Ахмети беше јасен . Столтенберг порачал на средбата со него дека и покрај спроведувањето на реформите, вратата на НАТО ќе остане отворена ако се реши спорот со името.
Али Ахмети ДУИ – НАТО има одлучувачка улога во земјата и регионот и ја спаси Македонија од бездната, придонесувајќи кон мирот, безбедноста и стабилноста, но и реформите и демократските институции. Нашата слобода не е целосна без НАТО.
Столтенберг во денешното обраќање ги потсети пратениците дека проширувањето на НАТО со земјите од западниот Балкан ќе придонесе за стабилност, безбедност и просперитет на регионот . Тој го поздрави и ратификувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија но и донесувањето на Законот за јазиците иако претходно не беше во приоритетната листа на услови кои треба да се спроведат за влез во ЕУ и НАТО.