Државните ловишта во Македонија се лидери на Балканот, а веќе три години се истакнуваат пред конкурентите од Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора и Хрватска, велат од ловиштето Јасен. „Јасен“ веќе три години е едно од десетте најпознати ловишта во светот.
Ловци од Русија, Австралија, САД, но и од Нов Зеланд плаќаат и по 17.000 евра за да ловат дивеч во Македонија, изјави директорот на државното ловиште „Јасен“, Михаил Малахов.
– Најскапо е да уловиш елен. За него се плаќаат и по 17.000 евра. Последниот пред два месеци го уби жена. Најмногу се лови балканската дивокоза и за неа ловџиите плаќаат од 1.500 до 4.500 евра. Најмала вредност има дивата свиња, за која просечно се плаќаат по 400 евра, но може да достигне и цена од 6.000 евра – рече Малахов.
Според него, ловот во ова ловиште е исклучиво врз основа на годишни договори со лиценцирани ловни тур-оператори од светот. Во договорите има ловни пакети за определени видови дивеч и термини кога таквиот лов може да се реализира.
– Ловџиите не можат да си ги земат трофеите дома. По потреба можат со нив да се фалат на изложби дома и во странство, но мора да ги вратат во Македонија. Месото се носи на анализа и се продава или се користи во ловиштето – појасни Малахов.
Во „Јасен“ се одгледуваат чисти генетски линии на автохтон дивеч. Неколкумина концесионери веќе биле казнети затоа што мешале домашна со дива свиња, што според директорот, може да го загрози целиот вид.
Годишно во ова ловиште доаѓаат по 12.000 до 15.000 посетители, од кои само околу 300 се ловци. Останатите уживаат во природата, а можат да ловат и риби. Во ловиштето има и 18 рисови, но за нив има забрана за лов.